„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Азески на 9 FMCG Summit: Бизнисот треба да се почитува, тој шест месеци однапред ги чувствува промените

15.11.2023

9-тиот FMCG Summit го одбележа одлична панел-дискусија и големиот интерес за актуелната тема „Кој добива, а кој губи со актуелните мерки?“, на која учествуваа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, Крешник Бектеши министер за економија, Икица Павлоски, комерцијален директор на „Лион“ и Климе Булоски, извршен директор на „Еуро табак“.
Панелистите создадоа атмосфера на активна дискусија и делење на искуства. Салата беше исполнета со претставници на голем број домашни и странски компании од секторот трговија со стока за широка потрошувачка, кои се вклучија во размена на мислења и идеи со панелистите и бурно реагираа. Панелистите ги соочија ставовите на прашањата: Има ли недостиг на комуникација меѓу Владата и бизнис-секторот? Дозволени се мерки за продажни акции? Каков ќе биде законот за нефер трговски практики?

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески истакна дека е потребно подобрување на комуникацијата меѓу Владата и компаниите.
„Бизнисот треба да се почитува, бидејќи тој шест месеци однапред ги чувствува промените“, кажа меѓу другото Азески. Нагласи дека претседателот на државата треба да ги одликува со орден сите од секторот трговија за тоа што го издржале сите овие години.
Во завршниот дел Азески го повика бизнис-секторот на обединување и истакна дека сега, како никогаш порано, е потребно да ги најдеме механизмите за поддршка и заедничко решавање на предизвиците.
„Запомнете ги моите зборови. Тие се зборови на искуство. Ако не се обединиме, отидовме, ние сме мала земја, мал пазар. Мора да го најдеме механизмот и да заборавиме на она што е минато, да ги рушиме границите, луѓето да добијат пазар, а ние да им помогнеме“, истакна Азески. 
Поенти од панел дискусијата: 
•    Икица Павлоски и Климе Булоски посочија дека мерките за забрана на промотивните акции на производите предизвикале стрес во малопродажбата.
•    Министерот Бектеши објасни дека забраната на промотивни акции не беше општа, туку се работело за недоволна информираност и злоупотреба.
Реакциите на секторот, по завршување на самитот, вродија со плод. Еден ден по завршување на самитот министерот за економија донесе одлука со која се укина забраната за акции и промоции. Тоа што произлезе од од панел-дискусијата, а што е клучно за бизнисот е единството во барањата. Потребно е да се настапува во група, таа да им добра организирана и јасна цел што сака да постигне.  
9-тиот FMCG Summit беше организиран од магазинот InStore и маркетинг агенцијата „Кликер маркетинг“.