„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Азески го презеде раководењето со Асоцијацијата на Балкански комори: За мене Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит

13.12.2023

На седницата на Генералното собрание на Асоцијацијата на Балкански комори (АБК) што се одржа на 13 декември (среда) во Солун, Грција беше потврден изборот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески за претседател на Асоцијацијата во следната година.  

Досегашниот претседател Јоанис Масутис, кој истовремено е и претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција и официјално му го предаде раководењето со Асоцијацијата, при што од негова страна беше истакнато дека потребата од соработка меѓу Коморите е голема зашто има влијание врз економиите од целиот регион.
Азески се заблагодари за можноста да придонесе за исполнување на зацртаните приоритети во заедничката агенда на АБК кои во 2024 година преку нашето претседателство ќе бидат клучни приоритети на земјите од регионот, се со цел создавање поголем економски раст. Тој го истакна значењето од реализација на инфраструктурните проекти и поддршката која што државите, но и меѓународните финансиски институции треба да ја дадат за напредок на целиот регион.
Извозот, инвестициите и инфраструктурата ќе бидат ставени во фокусот за време на претседателството од страна на Стопанската комора на Северна Македонија. 
„За мене Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит. И како лидер на Стопанската комора мојата цел е да го подигнам регионот на ново рамниште, со една мрежа која ја изградив низ годините. Балканот е прекрасно место, нема ниту тајфуни, ниту цунамија, нити циклони, што значи дека кафезот е од злато, ама „биљбиљот“ внатре не чини. За нас извозот е излезното решение и треба да го дуплираме. Тој е алфа и омега на нашето постоење. Нашите компании работат одлично и со грчките и со албанските и со турските. Зошто тоа не го гледаат политичарите? Зошто не ги тргнат границите? Ние кои сме претставници на приватниот сектор, не не интересира политика. Пуштете нѐ да работиме“, истакна Азески на Генералното собрание на АБК во Солун.
На седницата се расправаше и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот, вклучувајќи ги перспективите на Балканските земји да се приклучат на Европската Унија и Еврозоната, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.
На маргините на состанокот, претседателот Азески имаше одделни средби со претседателот на Унијата на Комори и стокови берзи на Турција, Рифат Хисарчиклиоглу, со Јоанис Масутис, претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, како и со Цветан Симеонов, претседател на Стопанската комора на Бугарија.
Георгиева-Јовевеска: Инфраструктурата и поврзаноста помеѓу балканските земји во фокусот на нашето претседателство со АБК
Потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевеска во делот на сесијата на АБК Генералното собрание наменет за меѓусебната соработка и можностите за зголемување на истата истакна дека, главен фокус во рамки на претседателството на Асоцијацијата на Балкански комори под водство на претседателот Азески и нашата Комора во следната година ќе биде прашањето за инфраструктурата и поврзаноста помеѓу балканските земји.
Во оваа насока таа подвлече неколку работи кои треба да се преземат не само кај нас во нашата држава, туку воопшто во земјите од регионот, во делот на подобрување на инфраструктурата/извозот/инвестициите со цел поголем економски напредок и создавање поконкурентна економија:
  • Важен предуслов за економскиот развој на една земја е економската инфраструктура која влијае врз деловните можности, но и врз вкупната привлечност на земјата за работа и инвестирање. Преку амбициозна инвестициска агенда во инфраструктурата и дополнително во зелената транзиција и дигитализацијата, во земјава и регионот, на среден рок, можат да се постигнат стапки на раст на економијата од 5% и повеќе и истите, што е уште поважно, би биле одржливи,
  • Државата, потребно е да изгради стратегија за развој на целокупната инфраструктура во земјата и сите чинители и во заедништво со бизнисот и науката,
  • Стопанската комора во своите приоритети ги има ставено инфраструктурата, инвестициите и извозот, а заедничко на сите овие важни области секако е кадарот кој вистински создава додадена вредност,
  • Кај нас капиталните инвестиции од година во година се зголемуваат и согласно податоците од државата до сега од вкупно планираните 760 милиони евра за капитални инвестиции за 2023 година реализација на капиталните расходи е близу 70%. Она што ние постојано бараме е целосна реализација на капиталните расходи и насочување кон изградба на целокупната инфраструктура со цел подобрување на амбиентот на стопанусување во нашата земја но и со регионот и пошироко,
  • Без инфраструктура нема развој, нема нови инвестиции, нема нови вработувања и со тоа нема економски напредок,
  • Секако нашите заложби се државата акцент да стави на децентрализацијата заради рамномерен регионален развој,
  • Подоброто поврзување на регионот и дигитализацијата ќе придонесат за развој на сите економии во регионот и тоа е вистинскиот начин за поголема конкурентност во регионот и поголема привлечност за инвеститорите,
  • Не само домашните туку и странските инвеститори бараат реализација на инфраструктурните проекти.
Кога станува збор за извозот, Георгиева-Јовевеска истакна дека во периодот од 2013 до 2022 година извозот на стоки од РСМ кон странство бележи просечна стапка на раст од 10%. Доминантен пазар за македонскиот извоз е пазарот на ЕУ. Извозот во ЕУ бележи континуиран раст во целиот изминат период, додека втора групација со која најмногу разменуваме се земјите од АБК.
Во следниот период освен погоре наведените приоритети важно е да се продолжи кон реализација на приоритетите на Асоцијацијата на балканските комори а тоа се активности за создавање на повисоки облици на соработка, заедничко учество во ЕУ проекти, заеднички настап на нашите компании и бизниси на трети пазари, интензивирање на организација на нашите заеднички настани, вмрежување, нови услуги и слично. Во сите овие активности главна поддршка освен што ја имаме од Владите секако е поддршката од меѓународните институции со цел реализација на зацртаното во контекст на поголем економски напредок.
АБК е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот регион (членки и не-членки на европската Унија), кое следната година одбележува 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. 

Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно – трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на Комори и стокови берзи на Турција и Стопанската комора на Косово.