„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

„ВИВА“ ВО ДРУШТВО СО НАЈГОЛЕМИТЕ СВЕТСКИ БРЕНДОВИ НА GULFOOD 2024

23.02.2024

На светски реномираниот саем за храна и пијалаци Gulfood 2024, што се одржува во Дубаи од 19 до 23 февруари, најголемиот македонски производител на природни овошни сокови, нектари, пијалаци, smoothie и преработувач на овошје – ВИВА, ја потврдува својата тридецениска успешна приказна во оваа индустрија на светската сцена. Годинешниот Gulfood, се одржува под мотото “Вистинска храна, вистински бизнис” и го привлекува вниманието на врвни компании и професионалци од целиот свет, со учество на повеќе од 5.500 изложувачи од преку 120 држави.

Оваа година, ВИВА се издвојува како сребрен спонзор на настанот, што е огромен успех затоа што за првпат една македонска компанија се стекнува со вакво признание на Gulfood, кој се смета за најпрестижниот и највлијателен саем во секторот на храна и пијалаци на Блискиот Исток, но и глобално.
Саемот претставува можност за презентација на беспрекорниот квалитет на производите на ВИВА, отворајќи врати кон нови деловни соработки и ширење на пазарното присуство на брендот на глобално ниво. Како единствена македонска компанија која учествува на годинешниот Gulfood, ВИВА прикажува спој на квалитет и иновативност во прехранбената и преработувачката индустрија, рамо до рамо со светските брендови во оваа деловна сфера.
Брендот е препознатлив по успешното претставување на саеми од овој калибар, меѓу кои и саемот Ануга во Келн, Германија, и е синоним за врвен квалитет, доверба и традиција. Компанијата постојано се фокусира на иновации, модернизација на производствените процеси и капацитети, како и развивање на нови категории на производи согласно трендовите во индустријата за сокови и пијалоци, како и за здрава храна. Учеството на Gulfood 2024 воедно претставува можност за отварање на нови деловни партнерства пред сè на најбрзорастечките пазари на Блискиот Исток, но и на други светски дестинации.
Со ова се отвараат и нови перспективи во работењето на комапнијата, зголемување на производствените капацитети, извозот и етаблирање на брендот ВИВА како најголем македонски производител на светските пазари.