„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

СТУДЕНТИТЕ УЧАТ ОД БИЗНИСОТ – ЗНАЕЊЕТО СТЕКНАТО НА ФАКУЛТЕТ Е ПОВАЖНО ОД САМАТА ДИПЛОМА

11.04.2024

- Преку „Денови на отворена врата“ градиме синергија помеѓу науката и бизнисот - Презентирано менаџерското искуство на м-р Анатол Кутревски пред студентите на УГД

Од соработката помеѓу Комората и Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип произлегоа низа активности кои веќе се ефектуираат, а токму една таква активност беше и денешното предавање од циклусот „Студентите учат од бизнисот“, кои се реализираат во текот на академската 2023-2024 година, како дел од активноста „Денови на отворена врата“, согласно со концептот на Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања кој пред 2 години беше основан од страна на Стопанската комора на Северна Македонија како форма која поттикнува континуирано функционално образование во согласност со барањата и потребите на реалниот сектор. 
Целта на овие настани е студентите да се запознаат со добрите практики на еминентни претставници од бизнис заедницата, а преку посета на компании да се запознаат со работните процеси, технологијата, автоматизацијата на компаниите, но и да добијат појасна слика за секторите и дејностите во кои имаат перспектива да градат кариера,  како иден човечки потенцијал. 
На настанот поздравно обраќање имаше и м-р Михајло Донев, претседател на Советот за унапредување на високото образование кој потенцираше дека потребата за доближување на идниот човечки потенцијал до работодавачите беше основниот мотив за иницирање активности со кои ќе се поврзат работодавачите, факултетите и студентите, за подобро запознавање на студентите со перспективите во одредена компанија или сектор , како иден стручен кадар на пазарот на труд. Во реализацијата на активностите поддршка дава и Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуката со кој заеднички се работи на афирмирање на системското уредување на практичната обука во високото образование. 
Студентите на УГД имаа прилика да го проследат предавањео од страна на м-р Анатол Кутревски, втор извршен директор на Пекабеско АД Скопје. Кутревски пред студентите направи осврт на значењето на високото образование и примената на стекнатото знаење за обавувањето на работните задачи, посочувајќи им на студентите дека како личности кои кариерно треба да се насочат мораат да бидат љубопитни, упорни, да го јакнат своето критичко размислување, да знаат да превземаат ризик, да учат од грешките, континуирано да се усовршуваат и пред сѐ, да го работат она што го сакаат. Презентирајќи ја дејноста на Пекабеско АД, Кутревски го потенцираше значењето во континуирано вложување во современа опрема и процеси на автоматизација и дигитализација и во унапредување на знаењата и вештините на човечкиот потенцијал во компанијата, која од дистрибутер на храна прерасна во производител на сувомеснати производи кои се препознаени како во Македонија и земјите од регионот, така и пошироко.