„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Заеднички ангажман на Стопанската комора и „Македонија 2025“ за економски раст и развој на државата

17.05.2024

Стопанската комора и организацијата „Македонија 2025“ заеднички ќе ги поддржат процесите кои ќе значат поголем економски раст, поддршка на компаниите за поголема конкурентност, подобрување на регулативата и на образовниот систем, дигитализација, како професионалниот развој на домашните менаџери. Ова се дел од заклучоците на работната средба меѓу раководствата на двете организации што се одржа денеска во Стопанската комора на Северна Македонија.
Претседателот на Комората, Бранко Азески во изјавата пред медиумите најави заеднички проекти со бизнисот од дијаспората и уште еднаш повика на обединување на сите релевантни фактори во државата за економски просперитет. Потенцираше дека ќе бидат поддржани проекти кои се од круцијално значење за државата, особено во контекст на провлекување на инвестиции кои може да поттикнат економски раст, кој што е слаб изминатите три децении.  
„На едукативен план ќе го зголемиме бројот на менаџери од извршните позиции во компаниите кои одат на обуки кај реномираните институции во САД, за да го поттикнеме домашното менаџерство, да придонесе и да се вклопи во меѓународните стандарди. Тоа искуство од организацијата Македонија 2025 е значајно и ќе го искористиме во следниот период. И на крајот имаме неколку предлози кои ќе значат заедничко лобирање за подигнување на степенот на владеење на правото и на пазарната економија и стопирање на сивата економија, од каде средствата ќе се пренаменат за зголемување на конкурентноста на нашите компании.  Се договоривме за наредната година на Самитот да ги поканиме и соседните земјите од Западен Балкан кои настапуваат во рамките на Коморскиот инвестициски форум и кои работата под заедничка платформа на регионалниот пазар“, изјави Азески. 
Дополнително тој нагласи дека самоувереноста, одговорноста и вербата во себе се трите волшебни зборови што ѝ се потребни на државата за да успее во наредниот период.
Прашањето дали е можно да оствариме раст е грешно, треба да поставиме прашање зошто не можеме, нагласи Мајк Зафировски еден од основачите на „Македонија 2025“.
„Дигитализацијата, инфраструктурата мора да бидат приоритет. Да се зборува е лесно, тоа е барем евтино. Но акцијата и резултатите многу потешко се постигнуваат. Има 50 милиони начини како да се оствари раст, но што ќе ставите како приоритет и како ќе ги искористите ресурсите е многу важно“, кажа меѓу другото Зафировски.
Извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсовска Блажевски истакна дека двете организации делат заедничка визија и идеологија за посилни бизниси и подобро деловно опкружување.
„Наша цел е да создадеме атмосфера каде бизнисите ќе растат, ќе отвораат нови работни места, ќе растат платите, а со тоа и државата ќе оди напред. И ќе стигнеме до онаа посакувана дестинација, а тоа е повисок животен стандард. Со Комората сакаме посилно да соработуваме во областите на професионалниот развој, подобрување на образовниот систем, дигитализација на бизнисите, но меѓутоа исто така на поддршка на дијаспората и искористување на капацитетот, знаењето, можностите за лобирање на дијаспората во насока на побрз развој на економијата. Сите се согласуваме дека економски раст под 5% нема да не однесат до посакуваната дестинација. Заедно треба сите да работиме да постигнеме економски раст над 5% и што е можно побрзо да го зголемите животниот стандард. Се надевам дека така ќе привлечеме и наши од дијаспората да се вратат, тука да живеат и да инвестираат“, истакна Мојсовска Блажевски.
Виктор Мизо, потпретседател на Комората додаде дека постои симбиоза меѓу двете организации, бидејќи голем дел од локалните бизнисмени кои се дел од бордот на Македонија 2025 се активно вклучени и во Стопанската комора или имаат поминато низ едукативните програми на Македонија 2025.
„Ќе ја искористиме оваа заедничка платформа за поддршка на конкурентноста за да привлечеме нови дополнителни инвестиции, за проширување на компаниите кои се веќе тука и да се прелеат кај нас во државата знаењето, искуствата, контактите. Ќе работиме заедно со Владата, без оглед на тоа која партија е на власт, со цел да помогнеме за да може државата да оди напред“, рече Мизо. 
„Македонија 2025“ преку своите активности се залага за развој преку поттикнување на соработка и поврзување на македонската дијаспора со бизнис заедницата, академската и политичката заедница.