„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ОБРАЗОВАНИЕТО И СТОПАНСТВОТО – ЕДНА НЕРАЗДЕЛНА ЦЕЛИНА, АЗЕСКИ И ЈАНЕВСКА ДОГОВОРИЈА СИНХРОНИЗИРАЊЕ НА ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ СО ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ

23.07.2024

Состанокот, кој се одржа во просториите на Стопанската комора, имаше за цел да се дефинираат следните чекори во насока на поквалитетен систем на дуално образование во средните училишта, но и да се направат напори овој концепт да се примени и во високото образование

„Со фактот што првата средба со официјален министер од почетокот на мандатот на новата Влада, ја имам токму со министер за образование и наука сакам да укажам на важноста која за нас ја има овој ресор, кој заедно со здраството се клучни компоненти што треба да овозможат нов пристап за развој на нашата еконимија, затоа што луѓето се основниот и најважниот ресурс кој ја движи државата“, изјави пред новинарите претседателот на Стопанската комора Бранко Азески по средбата со министерката за образование и наука, проф.д-р Весна Јаневска.

Состанокот, кој се одржа во просториите на Стопанската комора, имаше за цел да се дефинираат следните чекори во насока на поквалитетен систем на дуално образование во средните училишта, но и да се направат напори овој концепт да се примени и во високото образование.

„Стопанската комора ќе даде максимална поддршка на Министерството за образование во реализација на реформите, продолжувајќи ги заложбите за системско уредување на дуалното образование во кое за неколку години веќе успеавме да вклучиме 560 компании кои соработуваат со 61 средно стручно училиште во градењето на стручен кадар со адекватни знаења и вештини кои се препознаени и потребни на пазарот на труд. Денес со министерката се договоривме тој процес да продолжи и понатаму, но да продолжи и процес за воведување на исти такви алатки и методологии и во високото образование, каде општите програми ќе станат вештини коишто се потребни за развој на бизнисот“, изјави Азески.

Тој исто така потенцираше дека странските инвеститори, па и водечките домашни компании имаат потреба од нови технологии кои се значајни за зголемување на конкурентноста.

„Ние ќе имаме додадена вредност на нашите производи, ако ги намалиме трошоците во нашата земја, ако создадеме кадар кој нема да ја напушта татковината и ако во буџетот се одвојат доволно средства за развој на образованието“, рече Азески.

Според министерката за образование Јаневска, Стопанската комора е важен претставник и застапник на бизнис заедницата, без која пак, ниту една образовна политика не би била доволно ефективна, доколку не ги отсликува потребите на компаниите.

„Бизнис заедницата е важен фактор во механизмот за синхронизирање на образовниот систем со пазарот на трудот, како процес чија цел е заеднички интерес, а тоа е намалување на невработеноста во државата и раст на економијата. Ниту институциите, ниту пак бизнисот не може да напредува ако делуваме индивидуално, без добро планиран заеднички пристап, затоа од исклучително значење е соработката со приватниот сектор во креирањето на образовни програми кои одговараат на потребите на пазарот на труд, рече Јаневска.

Министерката изрази и благодарност до Стопанската комора која одговори позитивно  на барањето за спонзорирање на дел од учениците од Македонија кои годинава учествуваа на меѓународни научни олимпијади, во услови кога министерството сè уште нема законски основ да исплаќа средства за оваа намена на средношколци.