„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од регионални комори

Стопанската комора партнер во справувањето со сивата економија

30.07.2024

Комората со своите регионални дирекции во Битола, Кавадарци, Штип и Кичево организираше повеќе работни средби на компании од туристичко угостителскиот сектор со претставници на Управата за јавни приходи, а фокусот беше ставен на справување со сивата економија, владеењето на правото и создавање предвидлив деловен амбиент во работењето на компаниите

Стопанската комора на Северна Македонија со своите регионални дирекции во Битола, Кавадарци, Штип и Кичево, на крајот на месецов - јули организираше повеќе работни средби на компании од туристичко угостителскиот сектор со претставници на Управата за јавни приходи. На овие средби, се потврди стратегиската определба на Стопанската комора на Северна Македонија за справување со сивата економија, владеењето на правото и создавање предвидлив деловен амбиент во работењето на компаниите.

Целта на овие средби во екот на туристичката сезона е преку партнерски однос со УЈП да се поттикне дискусија за даночни прашања и да се обезбеди зголемување на доброволната усогласеност на компаниите со законската регулатива од даночната област. Во таа насока, компаниите членки на Стопанската комора на Северна Македонија од туристичко угостителскиот сектор имаа прилика од претставниците на УЈП да се информираат за правата и обврските кои произлегуваат од Законот за регистрирање на готовински плаќања, во делот на регистрирањето на готовинскиот промет, за Законот за данокот на додадена вредност и Законот за данокот на личен доход, односно за обврските кои произлегуваат од издавањето под закуп на недвижен имот и доходот кои го остваруваат физичките лица од времен карактер.

Исто така, присутните претставници на компаниите членки на Комората од туристичко угостителскиот сектор на средбите укажаа на нелојалната конкуренција и на потребата за заедничко и подеднакво делување на испекциски надзор, со правични критериуми на делување. Од претставниците на УЈП побараа изнаоѓање на решенија за формализирање на оние физички лица кои во домашни услови произведуваат производи (торти, колачи, изработка на накит, украси и др), а не го пријавуваат доходот од истите, понатаму решавање на проблемот со кафематите бидејќи се влијае на нелојалната конкуренција на оние кои служат кафе во угостителските објекти, контрола на паркинзите каде не се издаваат фискални сметки, а фирмите треба да го пријават како трошок. Исто така, дел од присутните упатија и предлог за формализирање на дивите таксисти, фискализација на online нелојална конкуренција и други предлози кои се однесуваат на справување со нелојалната конкуренција.

Стопанската комора на Северна Македонија во име на своите членки ваквите средби ги оценува како исклучително важни и очекува истите да дадат плодни резултати.

Претставниците на компаниите предложија во иднина да се организираат заеднички состаноци на Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и јавни претпријатија за надминување на спорни прашања и создавање можност за меѓу институционално решавање на проблемите.