„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

ИДНИТЕ АКТИВНОСТИ И ПРЕДИЗВИЦИ ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР РАЗГЛЕДАНИ НА СЕДНИЦА НА ЗДРУЖЕНИЕТО

10.10.2024

Актуелните предизвици во секторот од бизнис-аспект и од аспект на недостигот од кадар беа клучните точки за кои дискутираа членките на Здружението за градежништво, индустријата на градежните материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија на последната седница.

Потребни се нов закон за градење и измени во Законот за јавни набавки, а проблеми има поради долгото чекање на одобренијата за градба, повратот на ДДВ, чекањето исплата на фактури и слично. Овие проблеми беа истакнати на состанокот со предлог во наредниот период да бидат дискутирани со надлежните државни институции.

Поголема видливост и промоција на градежниот сектор за да биде поатрактивна професија за младите е, исто така, на агендата на Здружението за градежништво, индустријата на градежните материјали и неметалите при Комората, за што присутните констатираа дека бизнис-секторот треба да вложи повеќе напори во промоцијата за да ги привлече младите да го изберат градежништвото како идна професија. Клучен е односот на Стопанската комора, како претставник на бизнис-секторот, со образованието, а ние, како компании од градежниот сектор, можеме да влијаеме преку презентација на добрите пракси и искуства како тема на изучување и како идна професија, истакна претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски.

Според податоците од Државниот завод за статистика, Народната банка и од Министерството за финансии, градежниот сектор бележи нагорно движење, иако со слаб интензитет. Платите во секторот се во растечки тренд, со зголемување на просечната нето-плата по вработен од 8,9 %, особено во нискоградбата, каде што зголемувањето изнесува 15,4 %. Сепак, бројот на вработени во вториот квартал од годинава покажува опаѓање од 12,4 %, што укажува на потребата од задржување на стручниот кадар.

Според последните статистички податоци, бројот на издадени одобренија за градба во вториот квартал бележи значајно опаѓање од 21 %, а во нискоградбата дури 51 %. Скопскиот Регион, иако најатрактивен, бележи стагнација, додека, пак, Пелагонискиот Регион покажува позитивни тенденции.

Домашниот бруто-производ, според производствениот метод, е во позитивно движење од 5,1 %, во споредба со падот од 14,8 % во истиот период од минатата година.