„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
04.11.2024
По повод десетгодишнината од своето основање, Македонската асоцијација на металната и електроиндустријата – МАМЕИ, ја изрази својата благодарност кон Стопанската комора на Северна Македонија, доделувајќи ѝ благодарница за успешната соработка. Претседателката на МАМЕИ, м-р Марта Наумовска-Грнарова, ја истакна важноста на партнерството со Комората, која се позиционира како чадор организација и е од исклучителна значајност за бизнис заедницата со своето квалитативно и професионално застапување на деловните интереси.
Во рамките на саемот за енергетика и технологија „Енерго Технома 2024“, каде што МАМЕИ го одбележа овој јубилеј, беше организирана и трибина насловена „Иднината на индустријата: Како да се постигне одржливост и раст“. Како панелисти на оваа трибина учествуваа истакнати претставници на индустријата и членки на Стопанската комора: Виктор Мизо од КОСТАЛ Македонија, Марија Дуковска-Павловска од Макстил, Горан Антевски од Раде Кончар ТЕП и проф. д-р Бојан Јованоски од Машинскиот факултет во Скопје.