„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
14.11.2024
Бизнис заедницата сè повеќе препознава дека корупцијата е сериозна пречка за ефективно и ефикасно владеење на правото, раст и стабилност на конкурентна пазарна економија, како и дека итно се потребни значителни чекори за справување со овој предизвик.
Токму во насока на зајакнување на напорите и заложбите во борбата против корупцијата и подигнување на свеста за нејзиното влијание врз бизнисот, се официјализира соработка помеѓу Стопанската комора на Северна Македонија и Транспаренси Интернешнл-Македонија, преку договор за соработка потпишан од двајцата претседатели Бранко Азески и Благоја Пандовски.
Ставот на Стопанската комора во однос на прашањето за криминалот, корупцијата и сивата економија е толеранција нула – истакна Азески на прес-конференцијата по потпишување на договорот.
„Олеснување на работењето на правните субјекти нема да има сè додека не се елиминираат митото и корупцијата. Институциите мора да се заложат за откривање на причините на ваквата појава и затоа е потребно да се постигне општ консензус за нејзино целосно искоренување“, истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески пред новинарите.
Претседателот на Транспаренси Интернешнл-Македонија Благоја Пандовски ја истакна досегашната плодна сороботка преку изготвување на Кодекс за деловна етика, најпрво на акционерските друштва, а потоа и на малите и средни претпријатија, како и успешниот проект „Нулта толеранција за корупција“ за најефикасно корпоративно управување и додаде дека потпишувањето на овој договор ќе придонесе за зголемување на интегритетот на бизнис секторот и ќе ги зајакне напорите за сузбивање на корупцијата во деловното работење.
„Поради тоа неопходно е да побараме помош од Европската Унија, особоено на прашањата за инфраструктурата, владеењето на право, прашања околу корупцијата, како повторно би биле атрактивни за инвестирање“, додаде Азески.
Заеднички беше констатирано дека борбата против корупцијата бара ангажираност на сите нивоа во општеството, затоа од исклучителна важност е сите релевантни институции да преземат активности во рамките на своите надлежности и да ја зголемат својата ажурност. Само заедничка борба и координација може да даде конкретни резултати за институциите да бидат вистински сервис за граѓаните и бизнисот и како повторно би биле атрактивни за инвестирање.