„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

М-р Митко Јанчев во „Бизнис-клуб“: Државата треба да биде повеќе насочена кон сопствените производи и кон извозот, а не кон увозот

12.12.2024

Во третата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“ претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески разговара со м-р Митко Јанчев, претставник на помладата генерација бизнисмени, но уште подобар градоначалник, кој успешно успева да направи спој помеѓу бизнисот, функцијата градоначалник и политичкиот ангажман.

Во разговорот со м-р Митко Јанчев, сопственик и управител на ДПТУ „Кожувчанка“ од Кавадарци, првата приватна компанија за производство на вода во Македонија, и бизнисмен со нагласено чувство за општествена одговорност, се изнесуваат факти за потребата од поставување стратешки цели од страна на државата за развој на бизнисот, како и за потребата од квалитетна инфраструктура, која ја гледа преку развој на железничкиот сообраќај.

„Државата треба да постави стратешки цели во производството за развој на бизнисот, да ги користи сопствените производи и да биде помалку зависна од увозот, а повеќе ориентирана кои извозот. Не е здраво и продуктивно, министерствата на тендерите да користат странски производи и услуги наместо наши, бидејќи се тоа наши пари. Со целосна зависност од увозот наместо од сопствените производи доаѓа до колапс на БДП-то во државата, намалување на ликвидноста и намалување на девизниот прилив“, истакна градоначалникот и бизнисмен м-р Јанчев.

М-р Митко Јанчев дипломирал на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип со звање инженер геолог, а магистерските студии ги завршил на отсекот за технички науки, петрологија, минералогија и геохемија на истиот факултет. На 23-годишна возраст ја презел функцијата управител на компанијата по ненадејната смрт на неговиот татко, основач на компанијата, а денес успехот на компанијата се темели на новите стандарди што ги вовел во раководењето, што го привлекла и светски познатиот бренд „Синалко“ од Германија.

Во разговорот со претседателот Азески м-р Јанчев ја истакнува важноста од постоење добра инфраструктура, која е основа за развој на бизнисот во државата, како и важноста на Стопанската комора во градењето на неговата личност како бизнисмен.

„Државата треба да се насочи кон инфраструктурата, особено кон развој на железничкиот сообраќај, што ќе придонесе да се намалат цените на трошоците на компаниите кои на дневна основа увезуваат репроматеријали од Солунското пристаниште, а со тоа ќе се добијат поконкурентни цени на пазарите на земјите од ’Отворен Балкан’ и на земјите од ЕУ. Така ќе им се помогне на компаниите кои гравитираат на реонот на Општина Кавадарци (ИГМ Кавадарци, Голден никел, Дрекслер Маер), а кои се извозно ориентирани“, потенцираше м-р Јанчев.

Комората ја доживува како дел од компанијата преку која ја градел својата личност како бизнисмен и преку која ја правел целата промоција на компанијата. Бил член на Управниот одбор на Стопанската комора и претседател на Регионалната комора во Кавадарци.

Членството во Стопанската комора ми даде за право да имам храброст да се дружам со авторитетни луѓе, кои раководат со големи и успешни компании, на чело со Вас како претседател, да седам со нив на иста маса, да го извлечам позитивното и да учам од нив“, истакна м-р Митко Јанчев.

Од 2017 година м-р Митко Јанчев е градоначалник на Општина Кавадарци, успешно ја води Општината и дава поддршка за многу спортски, културни и уметнички настани, но и во делот на образованието, помагајќи со разни средства и донации. Токму поради тоа Јанчев е првиот градоначалник во историјата на Југоисточна Европа кој е добитник на престижното признание Личност на Југоисточна Европа во областа на економијата и европеизацијата на Балканот.

Целиот разговор со м-р Митко Јанчев на линкот подолу.