„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Азески за „Косово онлајн“: Економскиот раст на Северна Македонија во 2025 година е под голем знак прашалник, регионалната соработка е клучна

20.01.2025

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во интервју за „Косово онлајн“ зборуваше за предизвиците со кои се соочува регионот и неизвесноста околу економскиот раст во 2025 година. Во интервјуто, тој се осврна на влијанието на глобалните кризи, инфлаторните притисоци и потребата од инвестициски активности во Северна Македонија. Целосното интервју во продолжение.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, изјави за „Косово онлајн“ дека економскиот раст на земјата во 2025 година е под голем знак прашалник. Тој истакна дека политичките тензии во регионот го кочат развојот и нагласи потреба од поголема регионална соработка за обезбедување економски напредок на Балканот.

Европската комисија во својот извештај процени дека растот на БДП на Северна Македонија за 2025 година ќе изнесува 3,5 проценти, но Азески предупредува дека постојат бројни фактори кои го отежнуваат прецизното предвидување на економскиот раст.

„Сметам дека ризиците се преголеми за да можеме точно да ја одредиме стапката на раст, бидејќи Европа не се соочила со вакви проблеми како денес, вклучително и ширењето на војната во Украина, која како чадор надвиснува над сите нас и создава огромна неизвесност,“ нагласува Азески.

Тој укажа на инфлаторните притисоци кои траат веќе десет години, а дополнително се влошени од кризите што го погодија регионот. Иако е оптимист дека Македонија може да постигне економски раст, Азески истакна дека проценките се под голем знак прашалник.

„Ќе направиме сè во државата за да постигнеме консензус за ова прашање и преку структурата на буџетот да ја зголемиме инвестициската активност и приливот на свежи средства во локалните претпријатија, со цел да го забрзаме процесот на децентрализација, кој кај нас е во застој, а што би можело да доведе до зголемување на инвестициите и извозот,“ изјави Азески. 

Тој ја коментираше и ситуацијата со растот на платите минатата година, придружен со раст на инфлацијата. Според него, ова бара внимателно балансирање на буџетските средства и вештини за управување од страна на Министерството за финансии, Народната банка и Владата.

Говорејќи за куповната моќ на граѓаните, укажа на „неверојатниот раст на цените на храната“, кој сериозно ги погодува претприемачите и животниот стандард на граѓаните.

„Општиот заклучок е дека имаме неверојатен раст на цените на храната, што се граничи со неразумност во услови на пазарна економија. Како сето ова ќе се одрази? Негативно ќе се одрази и на претпријатијата, и на животниот стандард на граѓаните,“ рече тој.

Претседателот на Стопанската комора истакна дека регионалната соработка е клучна за економскиот напредок на Балканот.

„Нема алтернатива, сега тоа го разбравме. Ако не го кренеме регионот на нозе и немаме сериозна трговија, готови сме. Нашиот регион го сочинуваат претежно мали земји со скромни резултати. Тие што би требало да бидат движечка сила, локомотива на тој развој, секогаш се во сериозни проблеми, и затоа не можеме да напредуваме,“ рече Азески.

Тој, исто така, ги критикуваше политичките тензии, кои, како што вели, доминираат во регионот и го кочат развојот.

„Треба да се фокусираме на регионалниот развој и да создадеме движечка сила од најмоќната економија на Балканот, која може да повлече напред, а во моментов тоа го немаме. Сè уште се расправаме меѓу себе. Сè треба да се посвети на имплементација, односно реализација на сè што е договорено, бидејќи без тоа нема алтернатива,“ заклучи Азески.

www.kosovo-online.com/vesti/region/azeski-ekonomski-rast-severne-makedonije-u-2025-pod-velikim-pitanjem-regionalna