„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Градежниот сектор во 2025 со детектирани слабости и јасни чекори за подобрување

03.02.2025

На редовната седница на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите се дискутираше за состојбите во секторот. Во согласност со анализата за третиот кавртал од 2024 година, што Здружението редовно ги изработува, бројките укажуваат на подобрување на стандардот на вработените во секторот. Тоа доаѓа од заложбите на компаниите со цел да се задржи кадарот во дејноста и да се добие поголема мотивација за идните генерации. Во согласност со ДЗС, нето-платата од вработен во анализираниот квартал за првпат досега ги доближи нискоградбата со високоградбата, при што е забележан позитивен раст од 9,5 %. Во однос на издадените одобренија за градба секторот бележи пад од 0,5 % за третиот квартал од 2024 година. За истиот квартал најмногу издадени одобренија за градба се забележуваат во Пелагонискиот Регион со зголемување за 87,5 %. Пораст од 2,4 % се забележува и во домашниот бруто-производ според производствениот метод, кој, пак, во 2023 година во иститот квартал бележеше пад од 11,8 %.

Присутните на седницата го усвоија планот за работа на Здружението за 2025 година, како и извештајот за реализираните активности во 2024 година. Дополнително, се отвори дискусија за тековните предизвици со кои се соочуваат компаниите во секторот, како што се недостигот од квалификувана работна сила и административните пречки во реализацијата на инфраструктурните проекти. Во таа насока, во наредниот период е предвидена работна средба со претставници од Министерството за транспорт, на која ќе се разгледуваат повеќе клучни теми, вклучувајќи ги јавните набавки, ревизијата на проектите кои сè уште се проектираат со цени што не одговараат на актуелните пазарни услови, како и проблемот со проектната документација, чија проценета вредност е значително пониска од реалните понуди. Дополнително, ќе се дискутира и за поттикнување на инвестициите и за вклучување на домашните компании во изградбата на капиталните проекти, со цел зајакнување на локалната економија и подигнување на конкурентноста на македонското градежништво.

Со овие заклучоци и планирани активности Здружението останува посветено на унапредување на градежниот сектор, подобрување на условите за работа и на создавање одржливи решенија кои ќе придонесат за долгорочен развој и стабилност.