„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Јакнење на соработката помеѓу академската заедница и компаниите од дрвната индустрија

25.02.2025

Во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа работна средба со претставници на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер – Скопје, организирана со цел размена на информации и искуства за унапредување на квалитетот на образованието и усогласување на компетенциите на кадарот со барањата на пазарот на трудот.

На средбата присуствуваа продеканот на Факултетот, д-р Зоран Трпоски, и проф. д-р Горан Златески, раководител на Центарот за истражување и развој во дрвната индустрија (ЦИРДИ), како и Васко Ристовски, оперативен директор за развој, иновации и знаење во Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Наташа Јаневска, проектен менаџер, и Валентина Цветковска, експерт во Стручната служба на Комората и координатор на Здружението на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност.

Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, а пред сѐ Центарот за истражување и развој во дрвната индустрија, кој е дел од Факултетот и оваа година ќе организира отворени средба со претставници на бизнис-заедницата од областа на дрвната индустрија од повеќето региони во државата.

Како што истакна проф. д-р Горан Златески, сите заинтересирани компании на овие средби ќе имаат можност да се запознаат и да разговараат за активностите поврзани со следниве теми:

•      бесплатна стручна помош од Факултетот при изработка на апликации за учество на фирмите на конкурси од програмата ИПАРД – Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој;

•      изведување практична настава од студентите во фирмите од областа на дрвната индустрија;

•      изготвување елаборати за заштита при работа и екологија;

•      услуги од лабораторијата за тестирање мебел на ФДТМЕ – Скопје;

•      организирање професионални курсеви и обуки во доменот на дрвната индустрија;

•      стипендирање редовни студенти запишани на ФДТМЕ – Скопје.

Стопанската комора на Северна Македонија, за која квалитетното образование претставува еден од приоритетите, ја поддржува оваа иницијатива и активно ќе се вклучи во реализацијата на заеднички настан со Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер – Скопје. На овој настан ќе бидат поканети сите компании од државата од областа на дрвната индустрија, каде што ќе се разговара за отворените прашања и предизвици со кои се соочуваат компаниите, како и за унапредување на соработката со академската заедница, особено во доменот на практичната настава.

Како резултат на оваа средба, произлезе потребата од поголемо здружување на фирмите од оваа дејност, со цел да добијат стручна поддршка и преку Стопанската комора да се обратат до релевантните институции за креирање подобри услови за развој на секторот. Ова ќе придонесе кон создавање на производи со поголема додадена вредност и зајакнување на извозниот потенцијал на дрвната индустрија во Северна Македонија.