„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

д-р Татјана Штерјова- Душковска во „Бизнис-клуб“: „Коморскиот инвестициски форум – соодветен партнер и гласноговорник на бизнис-заедницата во регионот“

27.03.2025

 Во новата епизода на поткастот „Бизнис-клуб“, гостин на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески е генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан со седиште во Трст, д-р Татјана Штерјова- Душковска, која зборуваше за Коморскиот инвестициски форум како платформа за соработка на стопанските комори од регионот на Западен Балкан, во насока на спроведување заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедниците во регионот.

 „Стопанските комори од регионот, предводени од претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и од двајцата претседатели на Комората од регионот – тогашниот претседател на Комората на Косово и на Стопанската комора на Србија – со цел проследување на процесот на регионализација, односно ставање поголем акцент врз Западен Балкан, во рамките на иницијативата на Берлинскиот процес, поведена од канцеларката Ангела Меркел, во тоа време дојдоа на идеја дека најсоодветен одговор на приватниот сектор од регионот би било тоа стопанските комори да се здружат во некаква форма, во некакво тело кое ќе ги следи процесите и ќе овозможи канализирање на барањата и на потребите на бизнис-заедницата. Едноставно, ќе работи на нивно претставување во процесите и ќе работи со компаниите за да ги максимизира придобивките од заедничката работа“, истакна д-р Татјана Штерјова-Душковска.

Активностите на Коморскиот инвестициски форум, кој е основан со примена на заклучоците од Берлинскиот процес на 27 август 2015 година во Виена, за време на одржувањето на Виенскиот самит, се насочени кон унапредување на конкурентноста на економиите од регионот преку поврзување на бизнис-заедниците од шесте земји, кон подобрување на бизнис-климата во регионот и кон зголемување на стоковната размена со земјите од Западен Балкан, но и пошироко, преку зголемена регионална економска соработка, промовирање на натамошната трговска интеграција, преку воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на регионалната мобилност и преку креирање агенда за дигитална интеграција. 

Запрашана дали Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан треба да се институционализира, таа одговори дека и вака како што е поставен, со поддршката што ја дава германската Влада, која е носител на иницијативата, успешно функционира, а позитивен аспект од активностите во изминатите години е зголемувањето на регионалната соработка со вклучувањето на приватниот сектор.   

Во разговорот Душковска нагласи дека има листа на компании кои имале конкретни придобивки од активностите на КИФ. Една од тие активности е проектот на Регионалниот фонд за предизвици, кој е поддржан од германската и од швајцарската Влада, а кој имаше цел поддршка на соработката на образовните институции со компаниите заради реализација на разни модалитети на учење преку работа, со помош на обезбедувањето грантови. Во целиот регион, преку трите досегашни отворени повици, беа поддржани 99 проекти со вкупен фонд на финансирање со повеќе од 44 милиони евра и со вклученост на повеќе од 530 компании од целиот регион. Според Душковска, тоа покажало мобилизираност на компаниите од целиот регион за вклучување во ублажувањето на најгорливиот проблем – обезбедувањето компетентен и стручен кадар. Грантовите беа искористени за опремување простории, а голем број училишта обезбедија најсовремени нагледни средства, опрема за виртуелна реалност, најсовремени тренинг-симулатори, ЦНЦ-машини, симулатори, лаборатории, обуки и сл. Други активности на КИФ се директното учество на компаниите на различни саеми, форуми и директната поддршка на компаниите во изработката на проекти за добивање пристап до финансии од пристапните фондови во соработка со консултантите. Од 60-те апликации што биле поднесени за финансиска помош, апликациите на 13 компании со кои работеле биле одобрени за финансирање, со вкупен фонд од 1,1 милион евра.

Д-р Татјана Штерјова-Душковска својата кариера во Комората, особено на полето на регионалната економска интеграција, ја започнала во 2011 година, кога дошла од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје, каде што работела како демонстратор на Катедрата за граѓанско процесно право. Функцијата генерален секретар на КИФ ја извршува во еден специфичен период исполнет со кризи – здравствената, политичката криза на затегнати односи меѓу Косово и Србија и енергетската криза – кои влијаеле врз спроведувањето на некои одлуки што била зацртани во акцискиот план за заедничкиот регионален пазар и врз реализацијата на некои иницијативи за продлабочување на заедничката регионална соработка. Нејзината посветеност на зацртаните цели придонела пред меѓународните институции, а, пред сè, пред ЕК, Коморскиот инвестициски форум да се етаблира како соодветен партнер и гласноговорник на бизнис-заедницата од регионот; била вклучена и во конципирањето документи значајни за поставување на основите на регионалната економска интеграција, а учествувала и во консултациите за изготвување на планот за економски раст и за вбројување на КИФ во чинителите за подготовка на новиот акциски план за заедничка регионална соработка, која почнала да се применува од оваа година.