„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

М-р Боријан Борозанов во „Бизнис-клуб“: „Дваесет и пет проценти од возилата во Европа имаат вградени катализатори произведени во Македонија “

08.01.2026

| Бизнис клуб

 Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ гостин на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески е м-р Боријан Борозанов, директор за европски операции во секторот за чист воздух во „Џонсон Мети“- водечки глобален понудувач на технологии за чист воздух, и генерален директор на „Џонсон Мети“ ДООЕЛ, Скопје. Во разговорот тие се осврнаа на неговата професионалната кариера, како и на развојот на  компанијата „Џонсон Мети“, Скопје.

М-р Боријан Борозанов има повеќе од 20 години професионално искуство во меѓународниот менаџмент и лидерски позиции во Европа, САД и Македонија, со значајно искуство и во автомобилската индустрија. Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а како „Фулбрајт“ стипендист, магистрирал деловна администрација на престижната „Тандербрд“ школа за глобален менаџмент во Феникс, Аризона, САД.

Пред враќањето во Македонија, работел на повеќе одговорни позиции во автомобилската индустрија во Европа, меѓу кои и стратешки планер за производствен отпечаток, како дел од Ротациската лидерска развојна програма на „Делхи“.

Во периодот од 2007 до 2912 година, како раководител на Одделот за услуги на инвеститори во „Инвест Македонија“ (Invest Macedonia), м-р Борозанов придонел за реализација на 12 инвестиции со вкупна вредност од над 100 милиони американски долари, како и за отворање на 2500 нови работни места во синџирот на снабдување во автомобилската индустрија во Северна Македонија.

Во „Џонсон Мети“ доаѓа од компанијата „Аптив Сервисес Македонија“, каде од 2016 година ја извршувал функцијата генерален директор, а бил и дел од тимот што учествувал во  воспоставувањето на новата фабрика на „Делхи Електроникс Систем“ во ТИРЗ Скопје.

Во подкастот, м-р Борозанов зборуваше за „Џонсон Мети“ ДООЕЛ, Скопје-компанија за изработка на катализатори и филтри за автомобили со внатрешно согорување, која е дел од глобалниот систем на „Џонсон Мети“ со седиште во Лондон. Станува збор за компанија со 208-годишна традиција, специјализирана за изработка на катализатори за автомобилската, бродската и хемиската индустрија.

Тој нагласи дека „Џонсон Мети“ ДООЕЛ, Скопје е најголема, најпродуктивна и најефикасна компанија во рамките на целиот глобален систем на „Џонсон Мети“, која има 100% македонски менаџмент и македонски инженери. Иако често се перципира како странска компанија, според Борозанов, таа суштински е македонска компанија со странски капитал. Во тој контекст истакна: „Околу 25% од возилата што се возат во Европа, имаат вградено катализатори произведени во Македонија, а вкупниот број на произведени катализатори во Македонија од отворањето на фабриката во 2009 година до денес изнесува 190 милиони“. 

Борозанов го потенцираше и пристапот на компанијата кон човечките ресурси, нагласувајќи дека „Џонсон Мети“ вработува млади инженери без претходно работно искуство и ги развива согласно сопствените потреби. Според него, компаниите не треба да очекуваат кадар подготвен исклучиво од државата, туку и самите активно да се вклучат во процесот на креирање и развој на човечкиот потенцијал.

Тој посочи дека иако компанијата остварува обрт од околу две милијарди, фокусот не е ставен само на раст на компанијата, туку пред сè, на профитабилноста и задоволство на клиентите и вработените. „Џонсон Мети“ е отворена за соработка со Владата, особено во областа на образованието и пренесувањето на добрите бизнис практики.

Како членка на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, „Џонсон Мети“ е активно вклучена во иницијативи насочени кон подобрување на извозот, проширување на регионалната соработка и создавање образовен систем усогласен со потребите на бизнисот, како и во промовирањето на политика „нула“ толеранција на корупцијата, креирање мерит систем и јакнење на одговорноста.

Во поткастот, м-р Борозанов откри и дел од своите лични интереси, истакнувајќи ја љубовта кон спортот, кој за него, претставува значаен фактор за јакнење на тимскиот дух и градење стратегија за успех, и во бизнисот и во животот.