„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
„Чест ми е што сум активен член на Управниот одбор на Стопанската комора, која дефинитивно ја етаблира бизнис-климата во Македонија“, истакна Зоран Илиевски, главен оперативен директор и менаџер за развој на бизнисот во „Актива“ ДОО Штип и член на УО на Стопанската комора, во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески.
„Работата на Комората на трите развојни компоненти не е можна без силни институции и без соработка со образовниот сектор. Без регионална соработка, барање регионални пазари и без подобрување на извозната компонента ние не можеме да се надеваме на раст на економијата и на подобар живот. Мора да се фокусираме на тоа да донесеме девизни приливи во државата за да бидеме посигурни и економски посилни“, изјави Илиевски.
„Немањето долгорочни политики на државата или промените што се случуваат, а за кои, притоа, не е консултиран бизнисот при носењето одлуки, директно влијаат врз бизнис-плановите и врз инвестициските циклуси што ги планира една компанија“ и додава: „Бизнисот да им се остави на бизнисмените за да создаваат профит и вредност, а државата да има улога на регулатор.“
„Политичките структури постојано нагласуваат дека ќе му помогнат на бизнисот и дека Македонија ќе ја позиционираат на повисоко ниво со иновативен и технолошки развој, но во овие 15-ина години компаниите самите си го трасираат патот. Нема некоја директна вклученост на државата во подигнувањето на некоја компанија и во нејзиното искачување на повисоко ниво, особено извозно ориентирана компанија“, изјави Илиевски.
Осврнувајќи се на квалитетот на образованието, тој истакна дека знаењата и искуството стекнати на факултет му помогнале да премине од еден конвенционален начин на работење кон дигитализација и автоматизација на процесите во компанијата. Сепак, нагласи дека формалното образование не е доволно само по себе и дека континуираното вложување во знаењето и во вештините на вработените е клучно за раст на компанијата.
„Доколку не се врши континуирана едукација на кадарот и следење на иновациите и технологиите, не може да се биде добро позициониран или да се биде партнер на листата на добавувачи кај компаниите кои ги евалуираат сите аспекти од работењето на една компанија.“
Во рамките на својот професионален развој, Илиевски ја завршил Програмата за извршни директори на Школата за менаџмент „Келог“ во Еванстон, Илиноис, САД, организирана од „Македонија 2025“.