„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Георгиева Јовевска: Ги убедуваме компаниите дека ние постоиме за нив и ние сме нивната поддршка, а од Австрија сакаме да го примениме најдоброто

29.03.2023

д-р Јелисавета Георгиева Јовевска со воведно обраќање на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“

Австриската федерална стопанска комора долги години наназад е предводник на трендовите и позитивен пример за сите комори од државите на Западен Балкан, воведувајќи најдобри практики за унапредување на националните економии и предводејќи ги трендовите во областите на дигитализацијата и образованието, како два основни столба за услугите кои ние ги обезбедуваме за нашите компании-членки. Многу успешни пракси во делот на дуалното образование применуваме токму по примерот на Австрија и сакаме тој процес да продолжи, истакна потпретседателката на Стопанската комора д-р Јелисавета Георгиева Јовевска во своето обраќање на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“.
„Оваа посета, како и претходните посети на австриските бизнисмени е одговор на можниот интерес за соработка што бизнисмените ја иницираат, а ние како стопански комори ја поддржуваме. За Македонија, Австрија е еден од дваесетте најголеми трговски партнери и еден од најголемите странски инвеститори во земјата. Австрија е голем пријател на нашата земја и силен поддржувач на нашите евроинтеграциски заложби. И на средбата утринава заеднички е констатирано дека има услови за продолжување на трендот на зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Австрија. Имајќи предвид дека директните странски инвестиции се повисок степен на соработка од надворешно-трговската размена, ова е големо признание за македонската економија и потврда за нејзиниот потенцијал и за перспективите за иднината“, истакна Георгиева Јовевска.
Зборувајќи за досегашната соработка на компаниите од двете земји Георгиева Јовевска потсети дека во Виена на почетокот од 2019 година, во Австриската федерална стопанска комора, беше потпишан Меморандумот за соработка помеѓу Коморскиот инвестициски форум, Австриската федерална стопанска комора и Австриското федерално министерство за Европа, интеграции и надворешни работи, кое ја координира работата на Австриската агенција за развој. Меморандумот обезбедува австриска поддршка и пренос на добри практики, вештини и know-how за шесте комори од земјите на Западен Балкан, од што директен бенефит ќе имаат компаниите од целиот регион. Активностите во рамките на соработката која е воспоставена во рамките на Меморандумот се фокусирани на три клучни сектори: забрзување на процесот на дигитална трансформација на компаниите од целиот регион на Западен Балкан проследена со едукација и тренинг во областа на дигитализацијата, развивање на заеднички програми на средно стручно образование, првенствено со фокус на областа на дигитализацијата, но и зајакнување на бизнис интегритетот на компаниите од Западен Балкан, преку промовирање на чесни деловни практики и спречување на корупцијата. 
Претходно потпретседателката на Комората имаше тет-а-тет средба со потпретседателката на Австриската федерална стопанска комора Марта Шултц, на која заеднички беше констатирано дека соработката ќе продолжи, посебно во делот на размена на искуства на примената на дуалното образование и добрите практики за прекфалификација и докфалификација на кадрите, нешто што во моментот недостасува во нашата земја и што е приоритет на Стопанската комората на Северна Македонија.
На настанот кој беше втор дел од денешниот економски македонско-австриски форум во организација на Стопанската комора на Северна Македонија и Трговската канцеларија на Австриската амбасада во Скопје заедно со Австриската комора се обратија и претседателите на двете држави Стево Пендаровски и Александер Ван дер Белен а претставување за потенцијалите на нашата држава, можностите за инвестирање и поголема соработка беше презентирана во обраќањата на потпретседателот во Владата на РСМ за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. Од името на странските инвеститори во Република Северна Македонија гостите од Австрија и Македонија беа поздравени од Петар Штефан како претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија и генерален менаџер на ЕВН Скопје.