„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Новиот план за раст за Западен Балкан – можности за активирање на економскиот потенцијал на регионот

12.06.2024

Стопанската комора со останатите пет комори од земјите на Западен Балкан е вклучена во имплементација на активности кои се предвидени во Новиот план за раст за Западен Балкан. Планот, кој го усвои Европската комисија во ноември минатата година, се состои од четири столба, а Стопанските комори преку платформата на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) се вклучени во делот на зголемување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, како и поттикнување на регионалната економска соработка меѓу шесте економии од Западен Балкан. Ова беше потенцирано на прес-конференцијата што во Стопанската комора на Северна Македонија ја одржаа портпаролите на Комората, Сања Николова и Влатко Стојановски.
Со Новиот План за раст за Западен Балкан за економиите од регионот се отвораат нови можности за раст, кои се засноваат на можноста за пристап до единствениот пазар на ЕУ и можноста за неограничен пристап до четирите слободи на кои се заснова единствениот пазар на ЕУ (слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе).
„Барањето за ваков постепен пристап од страна на приватниот сектор од регионот беше покренато пред повеќе од 6 години, преку иницијативите на Коморскиот инвестициски форум. Ваквиот пристап значи промена на основната парадигма во односот помеѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан, како кандидати за членство во Унијата“, изјави на прес-конференцијата Стојановски.
Принципот на инклузивно проширување, формулиран како барање на бизнис заедницата во 2018 година, се заснова на поставување на земјите од Западен Балкан во позиција на идни членки на Унијата, а не како едноставни трговски партнери со кои Унијата има засилена размена. Дополнително, ваквиот принцип значи отстапување од класичниот формат во кој што се поставени пристапните преговори за зачленување на една земја во Европската Унија – дека можноста за пристап до Единствениот пазар се отвара дури кога ќе бидат завршени сите формално правни чекори за пристапувањето на една земја во Унијата.
Потребите за намалување на јазот на економската конвергенција се повеќе од очигледни - според извештаите на Европската Комисија, економиите од Западен Балкан сè уште го немаат достигнато нивото на функционална пазарна економија, способна да ги издржи пазарните сили и конкурентскиот пристисок што пред сè доаѓа од Евопската Унија. И покрај позитивните поместувања во изминатиот период, просечниот БДП по глава на жител во регионот останува речиси една четвртина од просекот на 27-те членки на ЕУ и приближно 40% од оној на земјите членки на Заедницата на независни држави.
И покрај близината и другите поволни фактори за поттикнување на трговијата, учеството на интра-регионалниот извозот во регионот изнесува само 14% . ЕУ останува доминантен извозен пазар за Западен Балкан при што за повеќето економии од регинот, извозот во ЕУ е 5 пати поголем од тој во ЦЕФТА земјите . Главни трговски бариери се административните и царинските процедури, безбедносните барања и сертификати, вклучувајќи ги санитарните и фитосанитарните мерки и техничките трговски бариери. Според Европската Комисија, потрeбно е активно да се работи на склучување меѓусебни договори за отстранување на овие бариери како и воведување на CE ознака за европски сертификат за сообразност со цел усогласување со ЕУ стандардите за квалитет и безбедност на производите.
Планот се состои од четири столба, кои треба да придонесат за засилена социоекономска конвергенција на земјите од Западен Балкан: 1) Зголемување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија; 2) Поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан; 3) Забрзување на структурните реформи и поддршка на евроинтеграцискиот процес на Западен Балкан, подобрување на одржливоста на економскиот раст, привлекување странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност и 4) Зголемување на финансиската поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Фондот за реформи и раст.
Бизнис заедницата од регионот, преку Коморскиот инвестициски форум има можност активно и директно да биде вклучена во целиот процес – во текот на минатата година, додека сè уште се работеше на структурата на Новиот План за раст, приватниот сектор беше консултиран за клучните приоритетни области и прашања на кои примарно треба да се работи за да се обезбеди пристап до Единствениот пазар на ЕУ. Дополнително, со Бриселската декларација од Самитот ЕУ-Западен Балкан, Коморскиот инвестициски форум доби мандат да работи на подготовката на Новиот Акциски план за заеднички регионален пазар, кој треба да овозможи зајакнување на регионалната соработка, како еден од предусловите за отклучување на можностите за пристап до Единствениот пазар на ЕУ во опеделени сегменти.
Придобивките од тоа за нашите компании ќе бидат огромни – ќе наведеме како пример само некои од клучните области кои се идентификувани во рамки на првиот столб од Планот за раст.
  1. Едно од клучните практични прашања што ќе ја олесни соработката на нашите компании со европските компании се однесува на пристапувањето кон Single Euro Payments Area (SEPA). Доколку македонската економија стане дел од СЕПА, придобивките за компаниите ќе значат намалени трошоци за прекугранични плаќања во корист на бизнисите, зајакнување на трговијата и зголемување на конкурентноста на компаниите преку намалување на провизиите за трансакциите, потенцијални заштеди од 500 милиони евра со намалување на цената на трансакциските трошоци, зголемена брзината на плаќањата, но и намалување на неформалната економија преку едноставни безготовински плаќања. Северна Македонија во текот на месец април веќе ја поднесе својата пред-апликација за членство во СЕПА и очекувањата се овие придобивки да станат достапни за нашите компании во текот на следната година.
  2. Следен таков пример се однесува на зелените коридори, кои беа воспоставени за време на пандемијата на Ковид-19 за да се олесни движењето на лекови и основни добра во рамките на Западен Балкан, но набрзо беше покрената иницијатива за нивно проширување на сите гранични премини кои го поврзуваат регионот со ЕУ. Поради недостаток на правна основа од страна на земјите-членки на ЕУ за размена на податоци со земјите-нечленки со кои граничат, зелените коридори започнаа да се воспоставуваат на некои од клучните гранични премини кои го поврзуваат регионот со ЕУ, но само во еден правец – мерките предвидени со Новиот План за раст овозможуваат целосна размена на податоци, што ќе овозможи значително скратување на времето на чекање, но и заемно признавање на овластувањата на овластени економски оператори. Придобивките од ова за нашите компании ќе бидат огромни – само во 2023 година, постојните зелени коридори вече значително придонесоа за намалување на времето на чекање на граничните премини, што придонесе 20 години време на чекање да биде заштедено на граничните премини на основа на интрарегионалните зелени коридори. Со целосно функционални зелени коридори и кон граничните премини кои го поврзуваат регионот со ЕУ, намалувањето на времето на чекање на границата за три часа би било слично на намалување на царините за околу 2 отсто во сите економии. Дополнително, зелените коридори ќе придонесат за обезбедување на континуирано функционирање на ланците на снабдување, но и ќе придонесат да се поттикне трговијата и да се направи регионот попривлечен за инвеститорите.
Николова го претстави новиот проект на КИФ поддржан од ЕУ од кој е дел Стопанската комора, а преку кој се нуди поддршка на компаниите од регионот во повеќе аспекти.
„Новиот проектот на КИФ, поддржан од ЕУ, обезбедува сеопфатен пристап приспособен да одговори на специфичните предизвици со кои што се соочуваат компаниите, со цел да го поттикне нивниот раст, да придонесе за зајкнување на нивните капацитети но и на нивното регионално поврзување“, истакна Николова.
Проектот, во кој директно е вклучена Стопанската комора на Северна Македонија, нуди поддршка на компаниите од регионот во повеќе аспекти:
  1. Една од главните цели на проектот е Зголемување на конкурентноста на компаниите од Западен Балкан со создавање поунифициран регионален пазар, преку намалување на економските разлики и поттикнување поблиски трговски врски меѓу бизнис заедниците пред се во регионот но и со Европската Унија.
  2. Зајакната регионална соработка:Со промовирање на деловната соработка и инвестициите преку дигиталните алатки и настаните за вмрежување, активностите се целосно насочени кон подобрување на интрарегионалната соработка како и зголемување на трговската размена и инвестициите меѓу бизнис заедниците од регионот.
  3. Овозможување регионално и меѓународно учество на бизнис заедницата на меѓународни саемски манифестации и настани, обезбедувајќи им пристап до нови пазари и нови можности и облици за соработка. Во рамки на проектот се предвидени заеднички настапи и промоција на бизнисите од регионот, зголемувајќи ја нивната видливост, потенцијалот за развој на нови партнерства и вклучување во синџирите на снабдување.
  4. Услуги за поддршка на мали и средни претпријатија кои што се препознаени како главен двигател на регионалната економија. Ќ е се креираат нови алатки што ќе овозможат полесен пристап до информации во врска достапните фондови и можности за финасирање од Европската Унија, но и приспособени индивидуализирани обуки за дигитализација и промоција на извозот.
  5. Подобрување на достапноста на пазарот:Проектот ќе поддржи развој на ЗАЕДНИЧКА РЕГИОНАЛНА ТРГОВСКА МАРКА (Regional Trade Mark) што ќе биде регистрирана во ЕУ и шесте земји од Западен Балкан. Заедничката регионална трговкса марка ќе придонесе за полесен пласман на регионалните производи на единстевениот пазар на Европската Унија кој го сочинуваат речиси 500 милиони потрошувачи, но и ќе го промовира Западен Балкан како регион што нуди препознатливи производи што ги следат стандардите на ЕУ.
  6. Надградување на Базата на податоци за пристап на пазарите од регионот и ЕУ (Market Access Database). Оваа база претставува една од клучните дигитални алатки во рамки на Коморскиот инвестициски форум со над 2.200 регистрирани компании и над 2.400 корисници на истата. Базата е составена од неколку значајни модули коишто содржат информации и нудат можности за вклучување на компаниите во синџирите на снабдување, билатерлани- B2B вмрежувања на компаниите, информации за учество на настани и модул за понуда и побарувачка, а дизајнирна е на компаниите да им го олесни учеството во Програмата за развој на регионални добавувачи. Платфрома не само што ја поттикнува размената на податоци меѓу компаниите, туку и обезбедува дополнителни можности за идно проширување и продлабочување на трговската соработка.
  7. Помош при Сертификација и усогласување на стандардите на ЕУ: Со обезбедување поддршка за добивање потребни сертификати и усвојување на стандардите за здравје, безбедност и животна средина на ЕУ, бизнисите можат да го подобрат квалитетот на нивните производи и конкурентноста на меѓународната сцена. Фокусиран на малите и средните претпријатија, прокетот ќе го олесни процесот за добивање меѓународно признати сертификати, како што е ознаката CE (CE Mark ), која е од клучно значење и служи како доказ за усогласеноста со европските директиви за квалитет и безбедност на производите. Процесот, често сложен и скап, ќе биде поедноставен преку онлајн алатка интегрирана во Базата на податоци за пристап на пазарите од регионот и ЕУ (Market Access Database). Оваа алатка ќе ги води компаниите низ процесот на утврдување дали нивните производи ги исполнуваат регулативите на ЕУ, заштедувајќи им време и ресурси за обезбедување на потребните сертификати. Дополнително, во рамки на проектот ќе биде обезбедена и обука и поддршка, овозможувајќи им на компаниите ефективно да се движат низ целовкупниот процес на сертификација . Овој пристап не само што ќе го зајакне извозниот потенцијал на малите и средни претпријатија, туку и ќе ја подобри нивната конкурентност на глобалната сцена.