„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Македонски лешници во чоколадите на Ferrero

02.07.2024

Наша цел е да развиеме модерен, одржлив и извозно-ориентиран синџир за лешник во С. Македонија, велат од Сокотера ДООЕЛ, која во 2019 година склучи договор со Фереро за извоз на лешници. Компанијата на 505 хектари одгледува четири од најбараните италијански сорти на лешник, распространети на три различни локациии во земјата, во битолскиот, прилепскиот и кавадаречкиот регион

Речиси и да не постои човек на планетата кој не слушнал за глобалниот бренд Ferrero,сопственик на познатиот крем Нутела и барем еднаш во животот не го вкусил луксузното чоколадо на овој производител. Но она што можеби е помалку познато е тоа дека во С. Македонија се одгледуваат дел од лешниците што може да се најдат во некои од овие слатки производи.

Битолската компанија Сокотера ДООЕЛ во 2019 година склучи договор со Фереро за извоз на лешници. Компанијата има 505 хектари со насади, распространети на три различни локациии во земјата, во битолскиот, прилепскиот и кавадаречкиот регион. Одгледуваат четири од најбараните италијански сорти на лешник: Тонда деле Ланге, Тонда Романа, Тонда ди Џифони и Нокионе.

„Не се случува многу често светска водечка компанија како Фереро да избере да развива современ синџир на снабдување во С. Македонија, па затоа ние ја сметаме оваа можност како уникатна за државата“, вели Билјана Сиљановска, генерална директорка на Сокотера ДООЕЛ. „Фереро е еден од најголемите купувачи на лешник во светот. Во 2019г. Сокотера му предложи на Фереро заеднички да развиваат современ синџир на снабдување со лешник во С. Македонија, комбинирајќи ја оперативната стручност на Сокотера со исклучително големото знаење на Фереро за сè околу лешникот. Бидејќи двете компании споделуваат слични принципи во поглед на етика, на одговорно и одржливо земјоделско производство и се залагаат за придржување кон усогласени земјоделски трудови практики (ЗТП), па затоа проектот брзо почна да расте и сега е во неговата петта успешна година“, оценува Сиљановска.

Сокотера ДООЕЛ Битола е членка на Сокотаб Групата (www.socotab.com) и е формирана со цел за воспоставување, промовирање и развивање на производството на лешник во државава. Целта е да се создаде мрежа од сопствени овоштарници како и овоштарници на трети страни. Сокотаб (скратеница од називот на француски за Трговско друштво за тутун) е водечки трговец со ориенталски тутун кој успешно работи нешто повеќе од 100 години откако беше формиран во 1923.

„Повеќе години компанијата спроведуваше оценување како на најдобар начин да ја искористи својата стручност за управување со синџирот на снабдување во земјоделството да направи диверзификација на својата основна дејност. Се одлучи тоа да биде лешникот поради неколку причини, главна меѓу нив е погодноста на климатските и почвените услови на С. Македонија, земјоделската традиција на земјата како и глобалната побарувачка на квалитетен лешник во пораст“, вели Сиљановска.

Одгледувањето на лешници дава позитивен придонес во локалната економија

Компанијата е партнер и со локалните фармери кои веќе имаат постоечки овоштарници и им нуди да го откупат нивното производство на лешник во лушпа. Истовремено, Сокотера ДООЕЛ активно ги промовира предностите на производство на лешник во С. Македонија, организирајќи информативни семинари за локалните земјоделци и нудејќи им поддршка и совети.

Агрономот Борис Симовски вели дека посветено работат на промовирање на производството на лешник во државата преку соработка со земјоделци-трети страни што би можеле да се заинтересирани за одгледување на лешник.

„Наша цел е да развиеме модерен, одржлив и извозно-ориентиран синџир за лешник во С. Македонија. Со ваква мисла и во соработка со локални институции, ќе одржиме неколку информативни семинари за земјоделците за да им ги претставиме можностите на производството на лешник. Понатаму, ние со задоволство прифаќаме партнерство со фармери што веќе имаат постоечки овоштарници и им нудиме да го откупиме нивното производство на лешник во лушпа. Исто така ги прошируваме нашите услуги што го вклучува чистењето и сушењето на овие лешници. Како сите земјоделски култури, така и одгледувањето на лешници дава позитивен придонес во локалната економија со тоа што отвора вработувања и носи приход од извоз, така што го зголемува севкупниот економски просперитет“, оценува Симовски.

Разни стручни студии докажаа дека Северна Македонија има погодни климатски и почвени услови за одгледување на лешник

Добро одржуваниот овоштарник може да раѓа плодови подолго од 50 години, што го прави да биде добра долгорочна инвестиција. Разни стручни студии докажаа дека Северна Македонија има погодни климатски и почвени услови за одгледување на лешник, вели Ратко Христов, административен и финансиски директор на Сокотера.

„Иако лешниковите дрвја обично почнуваат да носат плодови во нивната четврта година, Северна Македонија нуди и административна и финансиска поддршка за одгледување на лешник. Државата исто така го поддржува одржувањето на овоштарници со лешник преку директни и дополнителни плаќања по хектар (субвенции). На располагање го има и дополнителното финансирање преку Националната програма за рурален развој и ИПАРД.

Во исто време, сфаќаме дека продолжениот период од почетната инвестиција може да делува обесхрабрувачки. Нашите договори со земјоделците овозможуваат поволни услови на плаќање за садниците за да се олесни овој почетен трошок. Во соработка со локалните банки развивме нов кредитен производ скроен според потребите на нашите земјоделци што одгледуваат лешник. Ние нудиме постојано следење и поддршка на нашите фармери во текот на целиот процес. И последно, ама секако и мошне важно, ние го гарантираме откупот на нивниот производ и им даваме чувство на сигурност и доверба“, објаснува Христов.

Кои се главните критериуми и услови кои мора да се исполнат за лешниците на Фереро

Покрај задоволувањето на одредени основни квалитативни и квантитативни критериуми за исполнување на стандардите на Фереро за квалитет (што во основа значи снабдување со сертифицирани, здрави и неоштетени лешници) снабдувачот мора да води сметка лешниците да се одгледани на одржлив начин и нивното производство да може да се следи наназад до нивата. Со други зборови, велат од Сокотера, да се испочитувани сите критериуми, постапки и чекори на одржливото производство што опфаќаат и овозможуваат финалниот производ да може да се следи сè до местото (овоштарникот) каде што е произведен.