„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
27.12.2024
За успешни бизнис приказни, треба да се изградат пред сè успешни пријателски врски, бидејќи без некој да се почитува и цени како човек или народ, не може ниту да се третира како бизнис партнер.
Токму тоа го покажа вчера во Скопје турската бизнис елита, која преку бизнис форумот и присуството на бројна бизнис и политичка делегација со над 150 учесници, се заокружи со пријателско вечерно дружење. Како претседател на најмоќната бизнис организација, на Стопанската комора, имав чест да бидам не само еден од гостите на ова дружење туку и да го имам почесното место до сопственикот на холдингот Лимак, господинот Нихат Оздемир.
со сопственикот на холдингот Лимак, господинот Нихат Оздемир
На само неколку дена во годината што изминува (2024 г.), кога речиси сите деловни активности се заокружуваат, бројната делегација од Турција дојде во Скопје со најава и подавање рака за креирање нови партнерства и бизнис зделки на економски план.
Среќен сум и задоволен што дојде до оваа средба на крајот на годината како би се резимирале резултатите од нашата заедничка работа и би се направиле анализи и би се предложиле активности за наредната 2025 година, која ќе биде исклучително важна година за двете економии, а и воопшто за економиите на Европа и Балканот каде егзистираме. Сметам дека овие средби треба да зачестат за во овие тешки моменти да можеме полесно да ги пребродиме кризите кои доаѓаат и кои се пред нас.
со Омер Болат, министер за трговија во Владата на Република Турција
Но, оваа средба, навидум идентична со секој ваков друг настан, има неколку специфики кои и даваат посебно значење.
Прво, Република Турција и Република Северна Македонија имале секогаш одлично изградени односи на политичко ниво, но она што нас не интересира на полето на економијата, е да се најдат најдобри решенија за соработка со бенефит за двете заедници, а не по штета на некоја од земјите.
Второ, со продолжување на развивање на соработката Македонија добива пазар од над 80 милиони потрошувачи, а и многу повеќе од тоа, имајќи го предвид фактот дека Турција пак има одлични бизнис релации со друго земји, добиваме еден значаен партнер кој ги има сите потребни информации за случувањата кои може да доведат до одредени нестабилности и неизвесности во светот во наредниот период.
Трето, размената не е на потребното ниво, но остава простор за зголемување затоа што заедничкиот настап може многу да придонесе особено во делот на дијагоналната кумулација на слободната трговија, во рамки на која може да се преземат и одредени други форми на соработка и што е уште поважно, Македонија на овој начин има можност да се потпре на ресурсите на голема сила како Турција.
Четврто, особено сакам да го нагласам присуството на турскиот капитал и турските бизниси во Македонија. Тие се наши активни членки, имаме одлична соработка со нив и со нивната организација МАТТО. Ќе продолжиме и натаму да ги развиваме тие односи и да им помогнеме во поддршка на развивање на бизнисите.
И токму заради се ова, очекувам и во наредниот период нови инвестиции, повеќе бизнис форуми, заеднички настапи на трети пазари, поголемо учество на нашите фирми на саемите во Турција кои се отскочна даска за големите пазари во светот во натамошниот период.
Обраќање на претседателот на Комората, Бранко Азески на бизнис форумот