„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис-форум и билатерални средби меѓу Република Турција и Република Северна Македонија

27.12.2024

Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Советот за надворешни економски односи на Турција (ДЕИК), а под покровителство на Министерството за трговија на Турција и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, организираа бизнис форум и билатерални средби меѓу претставници од бизнис секторот на двете земји (26 декември 2025 година), во рамки на посетата на Република Северна Македонија од страна на турскиот министер за трговија, Омер Болат.

Во својот поздравен говор министерот Болат ги опиша односите меѓу Турција и Северна Македонија како „силни и трајни“, додавајќи дека силните врски меѓу двете земји во последните години бележат голем напредок во областите како што се политиката, дипломатијата, одбраната и економијата. Додаде дека Северна Македонија, од аспект на Турција претставува база во поглед на надворешната трговија и инвестициите, и дека двете влади се согласиле тимовите да почнат да работат на ажурирање за да вклучат нови области во Договорот за слободна трговија меѓу двете земји со цел продлабочување на соработката.

На отворањето на бизнис форумот министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски истакна дека соработката со Република Турција е значаен приоритет за нашата земја имајќи ги предвид економските потенцијали кои постојат за натамошно зголемување на надворешно-трговската размена и нејзиното балансирање, како и за заеднички настапи на трети пазари и вложувања во инфраструктурни и капитални проекти со цел воспоставување на побалансирана надворешно-трговска размена меѓу двете земји за намалување на дефицитот. Турција како и досега, посочи Муцунски, останува многу значаен партнер за соработка на полето на инвестициите и ги повика присутните компании да ја искористат можноста за размена на мислења и за согледување на потенцијалите за соработка во области од заемен интерес на двете држави, и додаде дека Владата и понатаму ќе ги поддржува ваквите инвестиции.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески посочи дека Македонија и Турција секогаш имале одлични односи на економско и политичко ниво. Од економската соработка Македонија добива пазар од над 80 милиони жители, па и повеќе. Турција е рангирана како седми трговски партнер на нашата земја, што укажува дека постои простор за зголемување на трговијата меѓу двете земји. Азески додаде дека за наредниот период најмалку што може да се очекува е да се задржи капацитетот на  економската соработка на сегашно ниво и со ист интензитет, па и поголем што ќе претставува доволна гаранција дека за домашните компании ќе може да се обезбеди сигурен пазар. Претседателот Азески рече дека очекува нови турски инвестиции во земјава, заеднички настап на трети пазари и поголемо присуство на македонски фирми на саеми во Турција кои, како што истакна, може да бидат отскочна даска за останатите големи пазари во светот.

Тамер Киран, потпретседател на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори и берзи на Турција– ТОББ истакна дека постојниот Договор за слободна трговија и континуираното подобрување на инвестициската клима го прошируваат и продлабочуваат опсегот на билатералните и трговските односи меѓу двете земји, додавајќи дека ТОББ има блиска соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и претседателот Азески, и дека е оптимист дека во наредниот период со заеднички сили ќе ги подигнат економските односи на завидно ниво.

На бизнис форумот присуствуваа и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, амбасадорот на Турција во Северна Македонија, Фатих Улусој, претседателот на ДЕИК, Наил Олпак, потпретседателот на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори и берзи на Туркије (ТОББ), Тамер Киран, како и претседателот на Здружението на турски изведувачи, Ердал Ерен.

Настанот беше заокружен со панел дискусија на тема „Улогата на дигитализацијата и инвестициите во својство на зголемување на конкурентноста“ на којашто учествуваа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски и Емин Имер, генерален менаџер на “Hepsiburada” -компанија за е-трговија од Р. Турција.

Со цел продлабочување на соработката, во рамки на Бизнис форумот беа организирани и билатерални средби меѓу претставници на бизнис заедниците од двете земји, на коишто учествуваа 64 компании од Република Турција и над 50 претставници од домашни компании.