„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
21.01.2025
Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Институтот за стратешки иницијативи и политики организираше панел-дискусија на којашто беше претставена Иницијативата Три мориња, можностите за економската соработка меѓу нејзините членки и придонесот во нивниот економски развој, со посебен осврт на инфраструктурата и вклучувањето на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на оската север-југ во источна Европа.
Иницијативата „Три мориња“ опфаќа тринаесет земји-членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море и тоа Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Грција.
- Регионалната соработка ќе биде доминантна тема во наредниот период, посебно по изборите во САД , и таа ќе ја позиционира и нашата улога. Морињата се одредниците за исцртување на новите линии на интереси во светот. Без бизнис нема ништо, а бизнисот почива на две работи: на профит и ризик. Имавме многу значајни иницијативи за регионална соработка кои доаѓаа од надвор, но тие не дадоа резултати и на тлото на Балканот. Ако ги прифатиме и од наша страна од земјите на Балканот, тие ќе дадат нова светлина во поврзувањето на бизнисот во овој триаголник на трите мориња. Во оваа иницијатива влегуваат и нашите коморски иницијативи со кои се обидуваме да ја зголемиме соработката меѓу земјите на Западен Балкан, изјави Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора.
- Секоја земја не може да има пристаниште, но постои алтернатива да се реши овој проблем. Се обидовме да влеземе во сопственост во Солунското пристаниште, но таа иницијатива не помина и не успеавме да го направиме последниот чекор поради „високите“ политики. Сакаме наше активно учество во ваква иницијатива. На Балканот му треба да проработат моторните сили на пазарната економија на големите земји. Тие што можат да ги отворат пазарите за нашите компании и тие треба да добијат поддршка. Нам ни требаат пазарите во Романија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и на Балканот... Се’ што ќе препознаеме за да се покрене економски раст ќе го поддржиме. Да не заборавиме дека треба да ги завршиме домашните работи: борба со корупција и сивата економија, обезбедување на енергија и гас, нови пазари за заедничко регионално дејствување, повисок стандард на граѓаните. Сето тоа не може да се оствари без зголемен извоз на производи со додадена вредност, изјави Азески.
Овие иницијативи треба да најдат во една ваква глобална иницијатива и така ќе покажеме дека сме на правиот колосек кој не води во евроатланските интеграции, додаде претседателот на Комората.
На панел дискусијата учествуваа и поранешениот амбасадор Зоран Јолевски, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, вишиот советник на претседателот на Фондацијата Херитиџ, Џејмс Карафано, регионалниот директор за Европа на Меѓународниот републикански институт Пол МекКарти, претседателот на Српско-американскиот конгрес и поранешен потпретседател на Собранието на Србија, Владимир Маринковиќ и поранешниот министер за финансии и за економија на Република Албанија, Арбен Малај.