„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
03.02.2025
Григор Цветанов, генерален директор на „Макпрогрес“ и потпретседател на Стопанската комора, пример за човек кој знае што сака, има свои цели и се труди да ги исполни, во најновото издание на подкастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески зборува за улогата на Комората како претставник на компаниите. Комората не ја гледа како претставник на сопствениците на капиталот – Комората, според него, е претставник на компаниите во целина и на сите засегнати страни во една компанија, како што се сопствениците, вработените, коминтентите и државата.
„Комората е значаен фактор за бизнисите. Политичарите се креатори на економските политики, меѓутоа Комората е таа која секогаш застанува зад компаниите, и тоа не како сопственици на капиталот, туку како ентитети во кои се вклучени вработените и добавувачите, но и како фирми“, истакна Цветанов.
Според него, како поборник на коморскиот систем, Комората има добра комуникација со Владата, но проблемот со решавањето на барањата од Комората се разводнува кога тие се пренесуваат за извршување до пониските слоеви на администрацијата.
Тој во продолжение истакнува дека вработените се срцето на компанијата и дека со нив градат заемна почит и доверба, при што секој знае што му е работа и ја исполнува својата цел. Работат на подобрување на придобивките за вработените, а една од нив е организирање активности и спортски настани за нив надвор од компанијата.
„Компанијата без вработените е ништо. Ние сме само зграда, машини и железо. Луѓето се суштината и срцето на една компанија“, потенцираше м-р Цветанов.
Во подкастот Цветанов ги открива своите лични желби и професионални цели. Желба му е да докторира на тема „Семејни компании“ бидејќи семејните компании се ставени пред предизвикот како да го преминат транзицискиот трансфер, а државата сè уште нема стратегија за тоа; Виница да стане убаво и пристојно место за живеење за младите да останат да живеат во неа и да се вратат луѓето што ја напуштиле својата земја, додека, пак, професионална цел му е винчини да стане светски бренд препознатлив не само во регионот и во ЕУ, туку и во светот, да остварува 100 милиони профит, а вработените да можат да ги уживаат сите придобивки што ги уживаат вработените во ЕУ-земјите.
Цветанов има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои Наградата за личност на годината на „Нова Македонија“ за 2015 година и Наградата за европски најменаџер во Сараево 2018 година.