„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Генерално собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) во Скопје – Транспортот и поврзаноста се од суштинско значење за економскиот развој и за регионалната интеграција

03.02.2025

Главен фокус на Стопанската комора на Северна Македонија во рамките на претседавањето со Асоцијацијата на Балкански комори (АБК) во текот на 2024 година беа извозот, инвестициите и инфраструктурата како клучни двигатели за поголема продуктивност и раст кои ги олеснуваат трговијата и меѓусебното поврзување и промовираат засилена економска соработка.

Како што истакна м-р Антони Пешев, извршен директор на Комората во воведното обраќање,  транспортното поврзување на земјите од Балканот е од суштинско значење за олеснување на трговијата, забрзување на транспортот и поефикасна регионална интеграција, а со тоа и зголемување на конкурентноста на нашите компании и подобрување на условите за водење бизнис. Тој се осврна и на сериозните предизвици за глобалната економија во 2025 година како што се непредвидливоста на деловното окружување и ескалацијата на тарифите која за  бизнисите со глобален синџир на снабдување би била лоша вест.

„Особено е значаен моментот каде што вештачката интелигенција (ВИ) сè повеќе станува централна сила во глобалните бизниси и иновациите. Иако технологијата на ВИ напредува брзо, нејзиниот ефект на работната сила и индустриите сè уште не е целосно остварен. Годината 2025 може да биде клучна за понатамошниот развој на ВИ, со можност или да ја трансформира индустријата или да наиде на препреки што ќе го забават нејзиниот напредок“, потенцира Пешев.

Започнавме амбициозна агенда за инфраструктурен развој со цел да ја искористиме стратешката позиција како крстосница на Балканот за да донесеме економски бенефит за државата и регионот, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Генералното собрание на Асоцијацијата на балкански комори што се одржа во Скопје.

На Собранието, тој ја презентираше владината програма за развој на инфраструктурата во делот на патната и железничката мрежа. Истакна дека Владата засилено работи на изградба и модернизација на двата паневропски коридори 8 и 10 како и на кракот 10 д.

„Веќе постигнавме договор со Грција за сериозно зголемување на граничниот премин Богородица до 12 ленти, исто така со Србија имаме интензивна комуникација да создадеме целосна функционалност со One stop shop, oчекувам до април со Косово да имаме One stop shop, а во однос на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, интензивно работиме на нивно проширување и модернизацијa“, рече Николоски.

Рифат Хисарчиклиоглу, претседател на Унијата на комори и стоковни берзи на Турција, ТОББ во своето обраќање истакна дека Балканот како регион богат со историја, култура и економски потенцијал, долго време се наоѓа на раскрсницата на глобалните трговски патишта. Меѓутоа, за целосно искористување на оваа стратешка позиција, модерна, ефикасна и меѓусебно поврзана инфраструктура не е само предност – туку и потреба.

„Нашата регионална трговска размена достигна над 40 милијарди евра, додека турските инвестиции на Балканот изнесуваат преку 5 милијарди евра. Турските градежни компании имаат клучна улога во инфраструктурното поврзување на регионот со инвестиции над 25 милијарди евра и придонесуваат за економски развој и просперитет на регионот. Во услови на глобални предизвици и нестабилност, ние успеавме преку дијалог и соработка да го отвориме патот за засилена трговија, економска интеграција и регионален развој“ – истакна претседателот на ТОББ Хисарчиклиоглу.

Во делот на дискусијата за транспортно поврзување на земјите од Балканот, стопанските комори од регионот заеднички констатираа дека конкурентноста подразбира подобрување на инфраструктурата, односно подобрување на патните и железничките транспортни коридори, а крајна цел останува транспортниот сектор на регионот да биде целосно интегриран во транспортниот пазар на ЕУ.

Имајќи ги предвид приоритетите на Асоцијацијата за регионално поврзување беше поздравен и постигнатиот напредок во однос на пуштањето во употреба на зелените ленти помеѓу ЕУ и Западен Балкан и со повик тие да бидат применети на сите релевантни граници со целосно почитување на ЕУ регулативата.

Сепак, предизвиците опстојуваат, а јазот во инфраструктурата останува евидентен. Решавањето на овие состојби не е само критично за поединечни земји, туку и суштинско за способноста на регионот да се натпреварува на глобално ниво и да привлече нови инвестиции – беше заклучено од страна на говорниците на настанот.

На седницата се расправаше и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот, вклучувајќи ги перспективите на Балканските земји за приклучување во ЕУ, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.

Оваа година со Асоцијацијата на балканските комори ќе претседава Стопанската комора на Црна Гора.

Асоцијацијата на Балкански комори е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот регион кое во 2024 година одбележа 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно – трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на Комори и стокови берзи на Турција.