„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
24.03.2025
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија. Бранко Азески одржа средба со претставници на Организацијата на Обединетите нации (ООН) на која беа разгледани можностите за соработка меѓу приватниот сектор и меѓународните иницијативи за одржлив развој. Делегацијата на ООН ја предводеше постојаниот координатор на ООН во земјата Рита Колумбија.
Дискусијата на состанокот ја опфати актуелната деловна клима, како и предизвиците со кои се соочуваат македонските компании, особено во контекст на регулаторната предвидливост, борбата против сивата економија и создавањето подобри услови за економски раст. Претставниците на ООН споделија успешни примери од други земји, потенцирајќи можности за поддршка на домашните компании преку иновативни економски политики, зелени иницијативи и подобрување на условите за работната сила.
Посебен акцент беше ставен на заедничките заложби за подобрување на образованието и неговото усогласување со потребите на пазарот на трудот. Претседателот на СКСМ ја истакна важноста на практичната обука во средното стручно образование и најави планови за проширување на оваа иницијатива на високообразовните институции. Од страна на ООН беа споменати можности за поддршка на програми кои ќе помогнат во задржување и враќање на младите кадри во земјата, како и поттикнување на поголема родова еднаквост во деловниот сектор.
Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на соработката, особено во областите на корпоративната одговорност, образованието и економскиот развој. Во наредниот период, ООН ќе презентира дел од своите иницијативи пред бизнис-заедницата во Македонија, додека Стопанската комора ќе назначи лице за контакт за поинтензивна координација. Оваа средба претставува важен чекор кон зајакнување на партнерството меѓу приватниот сектор и меѓународните институции во насока на одржлив економски напредок.