„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
29.03.2025
На 27 март 2025 година, Деловниот совет на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 и Европската комисија се состанаа во Брисел на високоочекуваниот состанок на Деловната платформа EU-ЗБ6. Настанот, обезбеди единствена можност за бизнис лидерите од Западен Балкан директно да се сретнат со претставници од Европската Унија, разговарајќи за стратегиите за подобрување на регионалната економска интеграција и олеснување на пристапот до единствениот пазар на ЕУ.
Состанокот започна со брифинг сесија со г-дин Герт-Јан Купман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство-DG ENEST, каде што високото раководство на дел од присутите бизниси од регионот како членови на деловниот совет на КИФ ЗБ6, ги споделија своите сознанија за можностите за инвестирање, но и тековните предизвици со коишто се соочува регионот.
За време на воведните обраќања, г-дин Купман и г-дин Лулзим Рафуна, претседател на Управниот одбор на КИФ, ја потврдија својата посветеност за поттикнување поблиски релации меѓу ЕУ и Западен Балкан, нагласувајќи ја важноста на Планот за раст и постепената интеграција на регионот на пазарот на ЕУ.
На состанокот претставниците на деловниот совет се осврнаа на главните предизвици со кои се соочуваат регионалните бизниси, особено во контекст на Планот за раст за Западен Балкан. Состанокот беше поделен на три главни тематски целини, модерирани од претседателите на регионалните стопански комори. Зборувајќи на темата трговија со стоки и услуги, претаставниците од компаниите Милшпед, Агна Груп, Микроелектроника, Бучај и Ананас ги истакнаа бариерите и можностите за зајакнување на трговијата меѓу економиите на Западен Балкан и ЕУ. Зборувајќи на темата инвестиции и пристапот до финансии, претставниците од компаниите Gray International, Philip Morris и Dott., се фокусираа на стратегиите за подобрување на пристапот до финансии за бизнис заедниците во регионот, додека пак во однос на Зелената транзиција и дигиталната трансформација во реионот, претставниците од компаниите Лукавац цемент, Тиквеш, Колектор и Тики ги споделија своите искуства и стратегии кон прилагодувањето на стандардите за животна средина и дигитализација на Европската Унија.
Претставниците на Европската комисија и претставниците од приватниот сектор ги разгледаа можностите за инвестицискиот потенцијал во регионот и разговараа за иднината на економската соработка со Европската Унија. Дискусиите ја истакнаа потребата од структуриран дијалог помеѓу приватниот сектор на ЕУ и ЗБ6, особено во областите на продлабочување на билатерланата соработка меѓу бизнис секторот, странските директни инвестиции (СДИ) и интеграцијта во синџирите на снабдување.
Европската комисија уште еднаш ја потврди својата посветеност во процесот на олеснување и надминување на постојните бариери, преку различни претстојни иницијативи, вклучувајќи организирање на заеднички тематски состаноции и тркалезни маси, како и организација на Бизнис и инвестициски форум ЕУ-Западен Балкан, на највисоко ниво.
Директорката за Западен Балкан, г-ѓа Валентина Суперти, го заврши состанокот потенцирајќи дека постои силна посветеност од двете страни за продолжување на дијалогот во рамки на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6, овозможувајќи им на регионалните бизниси јасен патоказ кон поголема интеграција со единствениот пазар на ЕУ.
На состанокот беа присутни и претставници од регионалните партнерски организации како што се ЦЕФТА, Енергетската заедница, Регионалниот совет за соработкa-RCC, како и експерти од Европската комисија кои активно учествуваа во дискусиите, давајќи увид и препораки за политиките за поддршка на економскиот развој на регионот.