„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

„МЕНАЏЕРОТ КАКО КОУЧ – АЛАТКИ ЗА ПОТТИКНАТА ОДГОВОРНОСТ И АНГАЖИРАНОСТ ВО ТИМОВИТЕ” – 30.1.2025 година

14.01.2025 - 29.01.2025 , Обука

сала 1, 5-ти кат

Концептот за менаџерот како коуч подразбира лидерски стил според кој менаџерите се фокусираат на развојот и на овластувањето на своите тимови, а не само на управувањето со задачите. Предизвиците со кои се соочуваат компаниите од аспект на недоволната ангажираност и самостојност во работењето често се должат на пристапот на водење според кој се нудат готови решенија, за кои вработените немаат доволно информации или вештини да ги спроведуваат како што се очекува од нив. Новиот пристап во менаџментот носи потреба од интерактивен, двонасечен процес на водење, во кој менаџерот го активира и го максимизира потенцијалот на секој вработен одделно.

Менаџерот како коуч дејствува и како ментор, нудејќи насоки, повратни информации и поддршка, за да им помогне на вработените да растат, да се здобиваат со повисоки компетенции, како и континуирано да преземаат поголема одговорност за извршување на задачите. Од членовите на тимот со кој се управува низ коучинг-пристапот се очекува самите да размислуваат во насока на најдобри, оптимални решенија за секојдневните предизвици и со тоа да имаат проактивен пристап, наместо решенијата да ги бараат и да ги очекуваат од својот претпоставен. Со јакнењето на чувството на компетентност кај вработените се зголемува мотивацијата за натамошно учење. Ова води кон зајакната припадност на компанијата, која нуди можност за кариерен развој, фактор кој е особено важен за задржување на новите генерации вработени.

За таа цел, Стопанската комора на Северна Македонија, на 30 јануари 2025 година. организира еднодневна обука на тема „МЕНАЏЕРОТ КАКО КОУЧ – АЛАТКИ ЗА ПОТТИКНАТА ОДГОВОРНОСТ И АНГАЖИРАНОСТ ВО ТИМОВИТЕ“.

Целта на концептот Менаџерот како коуч е континуирано да се зголемува ефикасноста на тимот, да се подобри ангажманот и да се изградат силни односи преку фокусирање на развојот и благосостојбата на вработените.

За кого е наменета обуката?

Обуката е наменета за сопственици, претставници на бизнис-заедницата од врвниот и средниот менаџмент, менаџери на човечки ресурси и за други професионалци во оваа област.

 
Придобивки од обуката

·        Запознавање со стиловите на лидерство и со основите на коучинг-пристапот

·        Остварување основни услови за примена на коучинг-пристапот – верувањата и вредностите на менаџерот; креирање средина која поттикнува ангажираност

·        Запознавање со коучинг-пристапот за примена во секојдневната работа – работа со прашања и активно слушање

·        Добивање вештини за коучинг-разговор – TGROW-модел, симулации и сесија за примена

Тренери во програмата
 

Наташа Ивановска е консултант за организациски развој, сертифициран бизнис-коуч на колеџот „Ериксон коучинг“ од Канада и на колеџот „Нобл Менхетен“ од Англија, како и сертифициран консултант за управување со ефикасноста (KPI Professional) на KPI Institute од Австралија. Од 2021 г. е сертифициран мастер тренер за емоционална интелигенција според Genos International. Како дипломиран инженер технолог завршила постдипломски студии на Универзитетот „Шефилд – Сити колеџ“ во Грција. Има повеќе од дваесет и петгодишно искуство со развој на бизнисот низ управувањето со човечките ресурси. Од 2011 година е основач на „Инсајт груп“, компанија за консалтинг за човечки ресурси, обуки и коучинг. Низ работата со компании во земјава и во регионот успева да придонесе во областа на планирањето, развојот и задржувањето на вработените како клучен движечки ресурс на секоја компанија.

Биљана Велевска раководи со „Самеримпекс импулси“ од 2000 година. Има огромно искуство во управувањето со проекти, консултантство, анализи, дијагностики и со обуки. Биљана е магистар по европски менаџмент (Europa Institute во Германија). Поседува сертификати за тренинг и коучинг од неколку светски методологии, со што придонесува компаниите да ги најдат најдобрите решенија за деловен раст и развој. Од 2020 г. е сертифициран консултант за управување со ефикасноста (KPI Professional) на KPI Institute од Австралија, а од 2021 г. е и сертифициран мастер тренер за емоционална интелигенција според Genos International. Нејзиниот практичен пристап поттикнува оптимизација на ресурсите и примена на врвни алатки и методологии, на кои се базирани развојните програми.
 

За сите учесници на обуката ќе бидат обезбедени:         
- материјали за реализација на вежбите;

- работни материјали во електронска верзија;
- сертификат за учество на работилницата.         


Сите заинтересирани за учество да се пријават најдоцна до 28.1.2025 година.


Контакт лица:

 м-р Михајло Донев                                                                                       

Телефон: 02 32 44 067                                                                 

mihajlo@mchamber.mk                                                                              

 
м-р Елизабета А.Ефтимова 
Телефон: 02 32 44 074