„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Семинар

„УПРАВУВАЊЕ СО КОНФЛИКТИ – СТРАТЕГИЈА ЗА КОМУНИКАЦИЈА СО ТИМОВИ”

02.07.2024 , Семинар

сала 1, 5-ти кат Стопанска комора на Северна Македонија

Знаете ли дека еден од најголемите трошоци на кои директно можете да влијаете се оние произлезени од неефикасна комуникација и конфликти во тимот? Начинот на кој вработените градат реалации, се поддржуваат во реализацијата на задачите и се справуваат со конфликтите е критичен фактор за успехот на секоја компанија. Во ситуација кога сите сме соочени со брзи промени и предизвици од секакво вид, клучна е стабилноста на тимот и способноста на вработените меѓусебно да се надополнуваат, да се разбираат и полесно да се прилагодуваат на надворешните промени.
Потребата од нови, разбирливи и ефикасни алатки и пристапи никогаш не била поголема. Како да се пристапи кон вработените за да се креира и раководи тим кој ќе работи усогласено и континуирано ќе постигнува резултати? Како да се искористат различните стилови и потреби во комуникацијата, за креирање синергија во тимот? Лидерите најчесто поаѓаат од тоа што ним им е потребно користејќи ги пристапите кои лично ги сметаат за правилни. Дали е секогаш тоа најдобриот пат? Поговорката “Не прави го на другиот тоа што не сакаш да ти го прават” во комуникацијата и управувањето со тимови гласи: “Дознај што им значи на луѓето околу тебе и комуницирај на начин коj тие го вреднуваат!”. Интернационалната методологија на DISC Flow овозможува полесно разбирање на својот комуникацикси стил, како и стиловите со кои доминантно комуницираат членовите во тимот. Со прилагодувањето кон овие стилови, значително се намалуваат конфликтите и се подобрува продуктивноста на работното место. 
Во времиња кога компаниите се соочуваат со дефицит на компетентна работна сила оваа тема се вбројува во топ 3 теми за лидерство, по важност, за обезбедување стабилен и одржлив развој на секоја организација. За таа цел Стопанската комора на Северна Македонија на 2 јули 2024 година организира семинар на тема: „УПРАВУВАЊЕ СО КОНФЛИКТИ – СТРАТЕГИЈА ЗА КОМУНИКАЦИЈА СО ТИМОВИ”. 
За кого е наменет семинарот:
Семинарот е наменет за сопственици, менаџери, тим лидери, раководители, менаџери на човечки ресурси и лидери кои спроведуваат промени.
Придобивки од семинарот:
•    Разбирање на елементите за градење ефикасни, функционални тимови
•    Запознавање комуникациските стилови според DISC Flow Методологијата, со цел полесно разбирање на комуникациските потреби на сите во тимот
•    Разбирање на потенцијалните покренувачи на конфликт и на начините како тие можат да се сведат на минимум, со цел поголема продуктивност на работното место
ПРОГРАМА:
I сесија: Вовед во тимска работа
•    Претставување на тренерите и учесниците низ комуникациска вежба
•    Предизвици и потреби за тимска работа во време на забрзани промени
•    Модел на Ленциони – 5 одлики на функционален тим
 
II Сесија: Модел за ефективна комуникација во тимови
•    DISC Flow Комуникациски стилови 
•    Вежба
III Сесија: Управување со конфликти
•    Конфликт и пресметка на цената на конфликтите во вашиот тим
•    Покренувачи на конфликт според DISC Flow методологијата
•    Вежба
IV Сесија 
•    Препознавање, превенирање конфликти – стратегија за комуникација со тимови
•    Акциски план за примена
Предавачи:
-    Биљана Велевска. консултант за управување со проекти, анализи, дијагностики и обуки. Биљана е магистар по Европски менаџмент (Europa Institute во Германија). Поседува сертификати за тренинг и коучинг од неколку светски методологии, со кои овозможува компаниите да ги најдат најдобрите решенија за деловен раст и развој. Од 2020 е сертифициран консултант за Управување со учинокот (KPI Professional) на KPI Institute од Австралија.
-    Иван Христов, дипломиран психолог, гешталт психотерапевт и сертифициран Genos International Emotional Intelligence Practitioner. Иван е професионалец со долгогодишно искуство работејќи на домашни и странски проекти во областа на образованието и човечките ресурси. Во моментов е активен на неколку проекти поврзани со човечките ресурси за регрутација и селекција, проценка на вработени, изработка на описи на работни места, обуки и фасилитирани работилници. 
За сите учесници на семинарот ќе биде обезбедено:
-    работни материјали во електронска верзија;
-    ручeк и освежување; 
-    сертификат за учество на семинарот.
Бројот на учесници е ограничен и пријавувањето е на принцип прв пријавен-прв услужен. 
Сите заинтересирани за учество  да се пријават најдоцна до 28.06.2024 година.

Контакт лица:

м-р Михајло Донев
 ++ 389 2 3244067
 
м-р Анита Митревска
 ++ 389 2 3244057